Нафтата повторно дивее, расте притисокот врз светскиот пазар

И покрај оптимистичките пораки од Трамп, пазарот останува нервозен, а новиот раст на цените покажува дека енергетската неизвесност не се намалува.

Цената на нафтата повторно порасна, при што Брент нафтата во петокот се движеше над 96 долари за барел и повторно се доближи до границата од 100 долари. Иако во дел од изминатите денови имаше силно повлекување на цените поради вестите за прекин на огнот, пазарот и натаму останува нервозен поради ограничените енергетски текови и неизвесноста околу Ормускиот Теснец.

Само пред неколку дена брент кратко се искачи и до 119,50 долари за барел, додека физичките цени на некои сорти сурова нафта се приближија и до 150 долари, што Reuters го опиша како силен притисок врз глобалното снабдување.

Според „Фајненшл тајмс“, цената на нафтата „Фортиес бленд“, која се продава за непосредна испорака, во четвртокот се искачила на речиси 147 долари за барел. Тоа е повисоко ниво од цената забележана и во периодот пред глобалната финансиска криза во 2008 година, покажуваат податоците на Лондонската берзанска група.

Во меѓувреме, надежите дека тензиите би можеле да се намалат привремено ја турнаа цената надолу, па брент во еден момент падна и под 95 долари. Но пазарот брзо повторно се сврте нагоре, откако останаа сомнежите дали договореното смирување на состојбата навистина ќе донесе стабилно отворање на трговските рути и нормализација на испораките.

Аналитичарите предупредуваат дека токму снабдувањето останува клучниот ризик. Barclays оцени дека нивната прогноза за просечна цена од 85 долари за барел во 2026 година зависи од брзо обновување на тековите низ Ормускиот Теснец, а секое ново одложување може повторно да ја турне цената нагоре.

Побарувачката на нафтата била толку голема што предизвикала нарушувања и во самото тргување. Според трговците, веќе не било можно нормално да се купуваат Брент CFD-договори, инструменти што ја следат разликата меѓу моменталната и идната цена на нафтата. Таа разлика скокнала на повеќе од 30 долари за барел, што создадало сериозен притисок врз ICE, главната европска берза за тргување со нафта.

Новиот раст на цените покажува дека светскиот енергетски пазар останува во сериозна неизвесност, иако Доналд Трамп тврди дека Иран наскоро ќе го отвори Ормускиот Теснец, преку кој обично минуваат околу 20 проценти од глобалните испораки на нафта.

Иако порача дека „нафтата повторно ќе тече многу наскоро“, Трамп воедно го обвини Иран за лошо управување со преминот и предупреди дека не смее да воведува наплата за танкерите што минуваат низ теснецот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни