Нафтата може да скокне до 150 долари: предупредување од JPMorgan

JPMorgan предупредува дека цената на нафтата може да достигне 150 долари по барел ако Хормушкиот теснец остане затворен до мај, со долгорочни последици за глобалната економија.

Американската инвестициска банка JPMorgan Chase предупредува дека цената на нафтата би можела да достигне дури 150 долари по барел доколку нарушувањата во снабдувањето преку Хормушкиот теснец продолжат до средината на мај. Според анализата, краткорочно се очекува цената да се движи во опсег од 120 до 130 долари по барел, пренесува Reuters.

Во меѓувреме, цените веќе бележат раст, американската сурова нафта WTI достигна околу 111,5 долари по барел, надминувајќи ја Brent која се тргуваше околу 109 долари. Овој тренд укажува на зголемена нервоза на пазарите поради геополитичките ризици.

Клучната претпоставка на JPMorgan е дека енергетските текови на крајот ќе се нормализираат, но тековната состојба покажува сериозни нарушувања во бродскиот сообраќај, кој е речиси во колапс од почетокот на март.

Иран во моментов селективно дозволува премин на одредени бродови низ теснецот, кој претставува најважната енергетска артерија во светот, пред конфликтот, низ него поминуваа околу 20% од глобалните дневни испораки на нафта и течен природен гас.

Дури и во сценарио на итно и целосно отворање, анализите на OilPrice покажуваат дека на глобалното производство и синџирите на снабдување би им биле потребни најмалку три до шест месеци за да се вратат на нивото пред кризата.

Пошироки економски импликации

Продолжената блокада на Хормушкиот теснец не само што влијае врз цените на енергенсите, туку носи ризик и од поширока инфлациска спирала, притисок врз индустријата и забавување на глобалниот економски раст.

Во вакви услови, пазарите стануваат исклучително чувствителни на секоја геополитичка изјава или воена ескалација, што значи дека ценовните шокови може да бидат брзи и драматични – особено ако кризата потрае подолго од очекуваното.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни