Ормускиот Теснец во центарот на кризата: нафтата над 100 долари и нов инфлациски шок

Ескалацијата меѓу Израел, САД и Иран го отвори прашањето за безбедноста на Ормускиот Теснец, низ кој поминува околу 20% од светската нафта – аналитичарите предупредуваат на можен скок на цените и нов глобален ценовен шок.

Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и САД од една страна и Иран од друга страна повторно ја стави глобалната енергетика во фокусот. Клучното прашање е безбедноста на Ормускиот Теснец – стратешки премин низ кој поминува околу една петина од светската потрошувачка на нафта.

По нападите врз танкери и прекините во сообраќајот во близина на теснецот, цената на суровата нафта тип Брент порасна за околу 10 проценти и денеска надмина 82 долари по барел. Во петокот Брент заврши на околу 72 долари, а пред еден месец изнесуваше 66 долари по барел.

Светските аналитичари предупредуваат дека доколку кризата се продлабочи, цената на нафтата може да ја надмине границата од 100 долари по барел, со ризик од нов инфлаторен бран на глобално ниво.

Ормускиот Теснец – тесно грло на светската енергетика

Ормускиот Теснец е стратешки премин што го поврзува Персискиот со Оманскиот Залив и се наоѓа меѓу Иран од една страна и Обединетите Арапски Емирати и Оман од друга. Широк е околу 50 километри на влезот и излезот, а околу 33 километри во најтесниот дел.

Низ овој коридор се транспортира нафта не само од Иран, туку и од Ирак, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија и ОАЕ. За време на викендот, најмалку три брода беа нападнати во негова близина, а сообраќајот е значително отежнат.

Доколку теснецот биде целосно затворен, тоа би можело да предизвика сериозни нарушувања во глобалните синџири на снабдување и недостиг на нафта на пазарот – што директно би значело повисоки цени.

Како одговор, осум членки на ОПЕК+ најавија зголемување на производството од април за 206.000 барели дневно. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ако Ормускиот Теснец остане нефункционален, овие количини нема да бидат доволни.

Алтернативните рути можат да преземат околу 3,5 милиони барели дневно – што е приближно 15% од количината што вообичаено поминува низ теснецот.

Психолошки ефект и шпекулации на берзите

Главната уредничка на порталот „Енергија Балкана“, Јелица Путниковиќ, вели дека ваквите ситуации имаат силен психолошки ефект врз берзите, пренесува Danas.rs.

„Секој ваков конфликт влијае врз цените на енергентите – и нафтата и гасот, а паѓаат и вредностите на акциите. Сè уште не е јасно дали станува збор за краткотрајна ескалација или за подолг конфликт“, објаснува таа.

Таа додава дека не е изненадување што цената на нафтата порасна, но укажува дека засега нема реален недостиг.

„Шпекулантите ја искористија ситуацијата. Ормускиот Теснец е клучен за транзитот, но не е дојдено до вистински колапс“, посочува Путниковиќ.

Во однос на најавите дека цената може да достигне 120, 160 или дури 200 долари по барел, таа повикува на претпазливост.

„Такви сценарија често се најавуваат во кризни периоди. Сето ова треба да се земе со резерва“, вели таа.

Можен нов инфлаторен шок

Главниот брокер во „Momentum Securities“, Ненад Гујаничиќ, оценува дека клучното економско прашање е токму Ормускиот Теснец.

„Долготрајна блокада би довела до сериозен дисбаланс на пазарот. Сепак, во последните години има солидна глобална понуда, па не дојде до драматична експлозија на цената“, вели тој.

Според него, теоретски е можно цената да ја надмине границата од 100 долари, но тоа би барало сериозна и долготрајна ескалација.

Гујаничиќ предупредува дека доколку цените повторно силно пораснат, светот би можел да се соочи со нов инфлаторен шок, раст на каматните стапки и ризик од рецесија.

„Нафтата во изминатата година придонесе за намалување на инфлацијата во САД и еврозоната. Ако цените повторно скокнат, тоа би значело нов удар – и можно забавување на економскиот раст“, предупредува тој.

Според него, поради високата глобална задолженост, евентуалната криза би можела да биде подлабока отколку претходните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни