Цените на нафтата на меѓународните пазари ја надминаа границата од 68 долари за барел, одразувајќи зголемена нервоза кај инвеститорите во пресрет на новиот круг нуклеарни преговори меѓу САД и Иран во Женева.
На лондонскиот пазар, со барел се тргуваше по цена од 68,41 долари, што е за 66 центи повеќе во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар барелот поскапе за 65 центи и достигна цена од 63,54 долари.
Пазарното расположение на почетокот на неделата беше под влијание на најавата дека разговорите меѓу Вашингтон и Техеран ќе продолжат во Женева. Според најавите, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ќе се сретне со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, со посредство на Оман.
Техеран претходно соопшти дека е подготвен да разговара исклучиво за својот нуклеарен програм, но истовремено навести и подготвеност за компромис доколку САД ги укинат санкциите. Ирански дипломат во неделата изјави дека Техеран се стреми кон договор кој би донел економски придобивки за двете страни.
САД и Иран ги обновија разговорите претходно овој месец со цел да се реши деценискиот спор околу иранската нуклеарна програма и да се спречи нов воен конфликт.
Дополнителна тензија внесе и информацијата дека иранската морнарица одржала воена вежба во Ормутскиот теснец, стратешки поморски премин низ кој дневно поминуваат околу 20 милиони барели нафта. Според агенцијата Тасним, вежбата имала цел да ја провери подготвеноста за „можни безбедносни и воени закани“.
Во меѓувреме, САД испратија уште еден носач на авиони на Блискиот Исток – „УСС Форд“, кој се очекува да пристигне во регионот кон крајот на неделата.
Комбинацијата од дипломатски неизвесности и воени сигнали повторно ја става нафтата во центарот на глобалната геополитичка и економска чувствителност, со потенцијални последици и за енергетските пазари во Европа и пошироко.