Повеќе од 3000 луѓе се убиени во израелско-американските напади врз Иран, а потврдено е дека има повеќе загинати цивили отколку припадници на војската, според најновите податоци на американската мрежа за човекови права HRANA.
Меѓу убиените 209 деца
Меѓу загинатите има најмалку 1319 цивили, вклучувајќи 206 деца, соопшти активистичката група HRANA, која податоците ги добила од активистичка мрежа во Иран, а се повикува и на извештаи од здравствениот сектор, службите за итна помош и претставници на граѓанското општество.
Според HRANA, убиени се 1122 војници. Дополнителни 599 смртни случаи не можеле прецизно да се припишат ниту на војската ниту на цивилното население, се наведува во извештајот. Во последните 24 часа евидентиран е 21 смртен случај. Сите загинати се цивили, а меѓу нив има и едно дете, соопшти активистичката група.
Според последните официјални податоци на иранското Министерство за здравство, во американските и израелските напади загинале 1200 луѓе, а околу 10.000 се повредени.
Војната влезе во третата недела
Војната меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран започна кон крајот на минатиот месец по серија израелски и американски напади врз ирански воени цели. Техеран одговори со ракетни напади врз Израел и американски цели во регионот, а конфликтот се прошири и во Либан, каде што Израел ги гаѓа позициите на Хезболах.
Хормушкиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта, практично е затворен за танкерски сообраќај откако борбите ескалираа пред две недели. Нападите врз поморската инфраструктура, заканите со мини и воените дејства во тоа подрачје предизвикаа скок на цените на нафтата и сериозни нарушувања на енергетските пазари.