Повеќе од сто лица се водат како исчезнати откако подморница вчера нападна иранска фрегата крај брегот на Шри Ланка. Нападот се случил веднаш надвор од територијалните води на островската држава, а спасувачките операции се во тек, пишува британскиот „Индипендент“ .
Извори од морнарицата и Министерството за одбрана на Шри Ланка за Ројтерс изјавија дека најмалку 101 лице се водат како исчезнати, а 78 се ранети. Сепак, портпарол на морнарицата на Шри Ланка ги оспори бројките, но досега не даде други информации.
Тој потврди дека 32 повредени лица спасени од морнарицата се наоѓаат на болничко лекување. Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Шри Ланка му рече на парламентот дека војската спасила 32 „критично повредени“ морнари од потонат брод. Според извештајот на АФП, бродот бил иранската фрегата ИРИС Дена.
Започната е спасувачка операција
Портпаролот на Министерството за одбрана претходно потврди дека морнарицата на Шри Ланка испратила спасувачка мисија откако од бродот бил упатен повик за помош. Локалните медиуми објавија дека повикот дошол од локација во близина на брегот на јужниот град Гале, а повредените биле однесени во тамошната Национална болница.
Министерот за надворешни работи Виџита Херат не даде дополнителни детали, но рече дека Шри Ланка ќе преземе соодветни мерки. Објавените снимки покажуваат обезбедување пред болница во Гале и амбулантно возило кое влегува во јужниот поморски штаб на Шри Ланка во градот.