Барањето се темели на член 2, став 1 од Законот за субвенциониран студентски оброк, според кој износот на оброкот треба да се усогласува со инфлациската стапка по завршување на секоја фискална година и пред донесување на државниот буџет за наредната година. Последното зголемување на износот беше во 2023 година, кога средствата пораснаа од 120 на 140 денари.
Според анализата на Националното студентско тело, инфлацијата во земјава во 2024 година изнесувала 3,5%, додека проекциите за 2025 година укажуваат на инфлација од 3% до 3,4%, според податоците на Народната банка на Република Северна Македонија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
На основа на овие параметри, пресметките покажуваат дека износот на студентскиот оброк треба да се зголеми за околу 10 денари за да ја задржи својата реална вредност. Конкретно, од 140 денари, оброкот би се зголемил на приближно 150 денари дневно.
Фискално оправдано барање
Дополнителните трошоци за државниот буџет, според студентите, се изводливи. Со оглед на тоа што просечно околу 30.000 студенти ја користат мерката во текот на 9 месеци годишно, фискалните импликации за ова усогласување се проценуваат на околу 70,2 милиони денари, односно приближно 1,14 милиони евра на годишно ниво.
„Ова не е дополнителна привилегија, туку неопходен чекор за заштита на реалната вредност на студентскиот оброк. Во време на растечки животни трошоци, ваквото зголемување ќе овозможи поголема сигурност и поддршка за студентите, ќе го олесни нивниот финансиски товар и ќе придонесе кон подобри услови за студирање,“ стои во образложението на Националното студентско тело.