Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.
Во реакцијата се наведува дека, според сведоштвата на најблиското семејство, мајката подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, од Мрежата бараат со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции.
„Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно“, стои во соопштението.
Од организацијата потсетуваат дека пред само еден месец предупредиле на пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца, оценувајќи дека не станува збор за изолирани инциденти, туку за образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Тие нагласуваат дека законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна, што создава култура на неказнивост.
„Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост“, наведуваат од Мрежата.
Националната мрежа постави конкретни барања во самото соопштение, односно побараа целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тафталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави или сознанија и какви мерки биле или не биле преземени, суспензија на сите службени лица вклучени во постапувањето до завршување на истрагата, утврдување индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски, соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни таму каде што ќе се утврди дека пропустот придонел за фатален исход, најстроги казни за сторителот на насилството, како и итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство и практиките за форензичко постапување во случаи на сомнителна смрт.
„Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“, порачуваат од Националната мрежа.