Чудесната приказна за Пелистер

Извишен над Битола од едната страна и магичната Преспа од другата страна, Националниот парк Пелистер пленува со посебна убавина. Спој на уникатен растителен и животски свет кој живее помеѓу камените реки, густите молики и шумските патеки кои водат до езерата со кристална зелено-сина боја. Магијата на Пелистер ни ја претставија оние ја чуваат неговата убавина, ренџерите на националниот парк кои ја знаат секоја негова педа и го чуваат ова парче недопрена природа со кое се гордееме.

Нa површина од околу 17.150 хектари и надморска височина од околу 891 до 2.601 метар, во југозападниот дел на државата помеѓу Преспанската котлина и Пелагонија, е сместен Националниот парк Пелистер, првиот национален парк во Македонија и во тогашна Југославија, прогласен во далечната 1948 година. Од тогаш до денес ова прекрасно парче природа сместено помеѓу Битола и Преспа, е дом на ретки ендемични и животински видови, место за одмор и рекреација и едно од најубавите заштитени природни богатства во земјава.

Пелистер по многу нешта е специфичен и препознатлив. Неговите глацијални езера, камени реки т.н морени, богат и вреден биодиверзитет со преку 1300 таксони на растенија, повеќе од 20 врвови кои се протегаат на надморска висина од преку 2.000 метри, околу 45 реки и извори и богато култуно наследство… Посебно привлечни за туристите се двете леднички езера Пелистерски очи- големото и Мало Езеро исто така познати како „Горски очи“. Она по што е најпрепознатлив е петто- игличестиот бор, молика.

Моликата е откриена од страна на германскиот ботаничар Август Гризебах во 1839 година. Ја има и во други држави и планини на Балканскиот Полуостров, меѓутоа на Пелистер гради најкомпактна и најкарактеристична шума. Моликата е пионерски вид, односно брзо освојува голини, чистини и камењари.

И токму таа специфична шума е дом на преку 1300 видови на растенија од кои еколозите со гордост ги издвојуваат Пелистерска невесна роса- Алхемила перистерика, Диантус миртинервиус, тоа е Пелистерски поленат каранфил, Крокус перистерикус- Пелистерска качунка, Семпервивум октоподес, Виола парвула, Тозиа карпатика, а и многу други растенија. Од животиснкиот свет Пелистер е дом на кафеавата мечка, срната, дивокозата, еленот, волкот, преку 90 вида на птици и секако рисот.

-Последен пат рисот е фатен на камера, значи фотографиран во 2013 година во локалитет Брајчино. Од тогаш за жал не е заприметен повторно. Рисот е територијално животно, односно територија на еден рис е околу 5000 хектари. Така да на Пелистер би имало околу 2- 3 рисови би фигурирале. Меѓутоа оваа година се насочивме за да каде што рисот оди на такви места и на такви локации поставени се камери и се надеваме дека повторно ќе го фотографираме, вели Зоран Пројчевски, од Националниот парк Пелистер

Во зимскиот период ренџерите организирано набавуваат храна, сол, пченка и пченица и ја поставуваат на одредени места, хранилишта во паркот, со цел животните да ја преживеат полесно зимата.

-Голем дел од ренџерите се љубители на животните, па и самите носат јаболка на одредени локациите кои животните ги знаат. Таму имаме поставено и камери за да го следиме нивното движење и тука се прават и едни од најдобрите фотографии и видеа што ги поседуваме, вели Зоран.

Ренџeрската служба во Националниот парк редовно извршува контроли и патроли за да се спречат евентуално дрвокражба, ловокрадство, да се интервенира доколку има пожари, се со цел да се зачува убавината и природата на Пелистер.

Националниот парк Пелистер е наша гордост, меѓутоа треба да биде и наша одговорност, односно што повеќе треба да се грижиме за да ги зачуваме и непречено да се одвиваат природните и био- еколошките процеси во паркот, сметаат Зоран и неговите колеги од ренџерската служба од Националниот парк.

-Во минатото луѓето беа помалку одговорни и не обрнуваа толку многу внимание на фрлање на смет и на ѓубре, но во последниве години еколошката свест е видно на повисоко ниво. Значи се гледа дека луѓето не фрлаат повеќе ѓубре. За таа цел во Информативниот центар, вработените во Националниот парк Пелистер редовно организираат работилници и едукации за млади од основните и од средните училишта за да на тој начин ги претставиме убавините на паркот и на природата во него и да им покажеме и раскажеме на младите зошто треба да се чува и да се заштити таа убавина – вели Горан.

Дронски снимки: Дамјан Гугучевски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни