Најубавиот пат во Европа е веднаш до нас – во Романија

Замислете пат кој се вие како змија низ планински врвови, со безброј кривини, мостови и тунели – тоа е спектакуларниот Трансфагарашан во Романија, често нарекуван и „патот кон небото“.

Оваа планинска траса долга 114 километри се протега од селото Картишоара до општината Куртеа де Аргеш, минувајќи низ Јужните Карпати – познати и како Трансилваниски Алпи.

Највисоката точка се наоѓа на 2.042 метри надморска височина, кај глечерското езеро Балеа. Патот вклучува 27 вијадукти, дури 831 мост и пет тунели – што го прави совршена авантура за љубителите на адреналин, моторциклисти и велосипедисти.

Острите кривини водат кон масивот Фагараш и највисокиот врв во Романија – Молдовеану (2.544 м), правејќи го Трансфагарашан еден од највпечатливите планински патишта во светот.

Идејата за изградба на модерниот пат потекнува од поранешниот диктатор Николае Чаушеску, кој сакал армијата да може брзо да се движи низ овој стратешки дел на земјата. Денес, наместо војска, по патот се движат љубопитни патници кои уживаат во раскошната природа.

Поради густата магла, силните ветрови и снежните услови, Трансфагарашан е затворен во есен и зима, а вообичаено се отвора на крајот од јуни и останува прооден до крајот на август.

Иако може да се помине за околу три часа, повеќето посетители одвојуваат цел ден за да ги истражат природните и културните атракции – како што се манастирот Куртеа де Аргеш од 16. век (со гробниците на првите романски кралеви), замокот Поенари – вистинскиот замок на грофот Дракула, вештачкото езеро и браната Видрару, како и магичното езеро Балеа кое одзема здив.

Ако планирате патување ова лето, додадете го Трансфагарашан на вашата листа – ова патување низ Трансилванија е незаборавно!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни