Search
Разговор со Фросина Пандурска-Драмиќанин, проектен координатор во Македонско еколошко друштво

Најсреќни ќе сме ако луѓето во земјава станат свесни!

Фросина Пандурска-Драмиќанин е проектен координатор во Македонското еколошко друштво (МЕД), чиј професионален пат ја води од новинарството до екологијата. Со диплома по албански јазик и книжевност и магистерски студии фокусирани на руралните миграции, таа успешно се докажа во новинарската професија, работејќи во МИА и Алсат-М телевизија. Сепак, во 2011 година, Фросина одлучи да направи значајна промена во својата кариера, префрлувајќи се во невладиниот сектор, каде што денес посветено работи на заштита на природата и животната средина. Во разговорот со Фросина, ќе дознаеме како нејзиниот интерес за темите поврзани со животната средина започнал, како наградата од Internews во 2009 година и учеството на Конференцијата на ОН за климатски промени во Копенхаген го обликувале нејзиниот пат. Ќе слушнеме за нејзиното искуство и предизвиците кои ги донела промената од новинарството во МЕД, како и за инспиративните моменти и посветеноста кон природата кои ја водат напред.

Трн: Живееме во свет што постојано се менува особено притисокот врз природата е огромен. Можат ли луѓето да опстанат без природата? (Уште колку време има човештвото пред да биде предоцна?)

Фросина: Без природа нема живот, таа ни ги дава основните потреби за опстанок пред се храна, облека, вода, лекови итн. Сепак, сите ние треба да сме свесни дека промената сама нема да дојде и дека ќе треба сите нешто да направиме за идните генерации да имаат основни услови за живот меѓу кои чиста вода за пиење и здрава храна.

Загубата на биодиверзитетот е огромна, ние не губиме само диви видови туку постојано губиме и цели пределски карактеристики поради миграцијата на луѓето од село во град или иселување од државата но и поради климатските промени се менува и природата а ефектот врз земјоделието е особено изразен. Покрај ова губиме и локално знаење поврзано со традиционалните практики како овчарството и земјоделството, собирањето на шумски плодови и билки и нивните лековити својства. За жал ретко кој од младите сака да продолжи да се занимава со овие практики и тоа допрва ќе го почувствуваме.

Трн: Веќе 13 години работиш на проекти поврзани со одржливо користење на природните ресурси и поддршка на рурални заедници преку прогласување на заштитени подрачја, развивање на рурален туризам и слично. Освен иселувањето на младите кои други закани постојат во руралните предели?

Фросина:  Во нашите проекти гледаме активно да го вклучиме локалното население и во активности/едукации или други типови на нивно здружување со цел нивно останување во регионот и пронаоѓање на дополнителни приходи преку активности поврзани со рурален туризам или отворање на мали бизниси поврзани со локална храна и слично. Сепак сведоци сме дека поради активното стареење на локалното население, има огромен пад во традиционалното овчарство. Не само на Шар Планина каде што подолго време работам туку во целата земја.

Луѓето купуваат крави и ги продаваат овците бидејќи немаат работници и овчари за на летна паша. Од друга страна ливадите се пренаменуваат во овоштарници или се зашумуваат. Планинските пасишта се покриваат со смреки. Искрено во овој поглед сметам дека државата мора да преземе итни мерки преку поддршка на локалното население за управување на пределите.

Со влезот во Европската Унија, секој земјоделец ќе има можност и за субвенции наменети за одржување на пределите па тогаш можеби може дел од пределите да се одржуваат и на тој начин. Но и сега ова е возможно доколку што поскоро се акредитираат агроеколошките мерки што можат да дадат финансика подршка на локалното население за одржување на ливадите и зачувување на локалните сорти и раси.

Трн: Европската Унија има Зелен договор со кој до 2030 година треба да се намали емисијата на гасови (кои прават ефект на стаклена градина) за 50%, а сосема да се прекине со нивна емисија до 2050 година. Дали и останатите светски економии го пратат овој тренд?

Фросина:  Сметам дека зелената агенда е прифатена во поголемиот дел од светот. За Балканот покрај зелениот договор на ЕУ е разработена Зелена агенда за Западен Балкан. Таа најчесто се врзува со енергетската традиција и одржливиот транспорт но промени се потребни на сите полиња на нашето општествено живеење.

Почнувајќи од намалување на отпадот преку  циркуларната економија, борбата против загадување на вода, почви и воздух, одржливо производство на храна и одржливи рурални средини како и заштита на биодиверзитетот.

Петтиот столб од Зелената агенда се стреми да го запре губењето на биолошката разновидност, натамошното уништување на шумите и губењето на земјиштето и да овозможи обнова на екосистемите. Во оваа насока потребно е развивање на зелена инфраструктура којашто ќе воспостави баланс меѓу заштитата на природата и економскиот развој и со тоа да обезбеди подобри услови за благосостојба на локалното население.

На глобално ниво во оваа насока се Целите за одржлив развој на ОН кои се глобален повик за акција да се стави крај на сиромаштијата, да се заштити животната средина и климата и да се обезбеди сите луѓе да уживаат во мир и просперитет. Патот се чини долг и мачен, особено кога правам споредба со она што беше актуелно во 2009 година. Сепак има позитивни промени и сметам дека особено кај дел од младите стануваат свесни и сакаат да направат промени од корен, или ако ништо друго да не загадуаваат онака како што загадувале генерациите пред нив.

Трн: Кој е нашиот најголем еколошки  проблем и зошто е?

Фросина:  Македонија се бори со бројни еколошки проблеми, од оние највидливите ќе почнам, отпадот и загадениот воздух. Отпадот е сериозен проблем за сите градови во земјава кои сé уште чекаат изградба на регионални депонии. Отпадот е сериозен проблем и за сите села кои се уште се надвор од системот за собирање на смет. Сите овие проблеми треба да се решаваат системски и голема улога во тоа имаат општините со приватниот сектор.

Земјава има и сериозни жешки точки поврзани индустриско загадување. Најголеми од нив се депониите со индустриски отпад и тоа линдан во кругот на фабриката Охис, истекувањето на шестовалентниот хром од фабриката во Јегуновце и отпадната јаловина од затворениот рудник за хром и антимон во Лојане, згурата од топилницата во Велес итн. Од друга страна сакам да споменам и една честа појава којашто со енергетска транзиција станува пракса во земјава. Имено, голем број од дозволите за  изградбата на фарми со сончеви колектори се наоѓаат на обработливо земјиште, сметаме како организација дека ова е погрешно и штетно во долгорочни рамки.

Трн: Каква е визијата на МЕД за Македонското општество и економија до 2050 година? Што сметате дека мора да постигнеме до тогаш?

Фросина:  Нашата визија е „граѓаните во Македонија да ја ценат и негуваат природата, да ја заштитуваат животната средина и да се стремат кон економски развој кој се заснова на принципите на одржливост“ МЕД во својот стратешки план до 2024 година има поставено долгорочни цели меѓу коишто се: зачувување на видови и живеалишта; заштита на значајни подрачја и унапредување на еколошки мрежи; заштита на животната средина и климатски промени; организациски развој на МЕД и развој на партнерства како и напредок на еколошката наука во земјава и генерално на свеста кај граѓаните за заштита на природата и за чиста животна средина.

Живееме во време кога партнерствата и соработката на сите нивоа се неопходни па за многу цели соработуваме со сите општествени група за исполнување на крајната цел заштита на природата и животната средина. Во иднина би сакале да ги видиме Јабланица и Кожув како дел од националната мрежа на заштитени подрачја.

Сакаме да го завршиме процесот на воспоставување на европската еколошка мрежа Натура 2000, да имаме стабилни популации на рисот, белоглавиот мршојадец и добри зачувани популации од многу други растителни и животински видови. Но мислам дека најсреќни ќе бидеме ако луѓето во земјава станат свесни за природните богатства и за својата улога во нивното зачувување и одржување.

Трн: Во граѓанските органзиации неретко постои разногласие и проблематично е создавањето заеднички приоритети и поширока мобилизација на граѓаните. Дали постои можност за окрупнување на организациите во некоја поширока коалиција која ќе ги вокализира вашите барања?

Фросина: Во минатото а и сега МЕД делува здружено со голем број на организации од земјава и странство и тоа за различни актуелни теми. Во 2011 бевме здружени со повеќе еколошки организации со кои се боревме против изградбата на брана во Луково поле, Маврово. За среќа нашиот труд беше валоризиран и тогашните финансиери се повлекоа од проектот увидувајќи дека подрачјето изобилува со природни вредности и е јадрово подрачје за размножување на балканскиот рис. По ова во 2015 година МЕД се обедини со локални организации од регионот на Шар Планина во лобирањето Шара да се прогласи национален парк.

Горда сум што Пријателите на Шара како неформална платформа  се  уште функционираат и спроведуваат проекти со коишто ја продолжуваат мисијата Шара како национален парк да биде успешен проект и за луѓето и за природата, а нашата работа со проектите е во соработка со слични организации од Косово и Албанија за поширок регионален одржлив развој на регионот Шара-Кораб- Коритник. Здружено работиме и за заштита на Преспанскиот регион со мрежата ПреспаНет која се составена со партнерски организации од Албанија и Грција.

Впрочем соработката со организациите и институциите е неизбежна бидејќи проблемите поврзани со животната средина и природата се комплексни и нивното решавање во некои случаи бара постојана, посветена и повеќе децениска соработка на повеќе нивоа и со различни чинители. МЕД се стреми и да поддржи мали организации кои што вршат директен мониторинг на некои растителни и животински видови но и помагаат за одржливо користење на природните ресурси.

Трн: Што мислиш кое е најодржливото решение за сообраќајот?

Фросина:За сообраќајот не постои едноставно решение, тоа е комплексен предизвик и треба долгогодишна политичка волја и заложба на сите водечки структири во нашата држава ако сакаме да постигнеме успех во наредните 10 до 20 години. Потребно е да се направат промени во јавниот транспорт, особено во Градот Скопје каде покрај автобуските линии, да имаме: трамвај, тролејбус, електрични автобуси и такси возила на електричен погон.

Покрај дополнителниот транспорт треба да се стимулираат жителите што помалку да ги користат автомобилите, и тоа преку повеќе електрични тротинети и велосипеди за изнајмување, за чии услуги граѓаните би плаќале прифатлива цена на годишно ниво. При изградба на нови згради бројот на паркинг места да биде максимум половина од бројот на изградени станови.

За сите овие решенија да се случат, потребно е време, истрајност, постојана едукација на населението и се разбира соодветни субвенции за граѓаните. Како почетна мерка за државата е да почне да ги субвенционира граѓаните за секој поминат километар до работа и на тој начин директно да ги поттикне да користат одржливи решенија за транспорт.

Трн: Се зборува дека имаме пренаселеност на некои национални паркови со крупен дивеч. Кој пристап го застапувате во решавањето на овој проблем?

Фросина: Детален мониторинг и проценка на крупниот дивеч како што е мечката и волкот за жал досега не е спроведен на територија на целата земја. МЕД се обидува преку системски и статистички методи да ја утврди состојбата со крупниот дивеч во земјата. Само во тој случај може да се сугерираат соодветни одлуки за нивно управување кои ќе се споделат со националните паркови.

Трн: Кој е најнедопрениот регион во Македонија?

Фросина: Социоекономските услови направиле некои региони во земјава да се еколошки почисти и зачувани. Такви се Поречје, Мариово, Малешево, Демир Хисар, Брегалничкиот регион, Овче Поле, Ниџе, Кожув итн. Имаме и прекрасни предели со девствени шуми како Длабока Река, шуми од фоја во Преспа и на Островот Голем Град и уште многу други локалитети кои имаат исклучителни природни вредности.. Мислам дека не си ја познаваме доволно земјата и многу од нас не се ни свесни за нашите природни и културни богатства.

Трн: Кое е нашето најголемо богатство?

Фросина: Планините се нашето најголемо богатство. Со над 70 планини ние навистина може како земја да живееме од планински и рурален туризам. Туризам поврзан со искуства. Се надевам дека ова ќе го разберат што повеќе луѓе па во таа насока и ќе почнеме да си ги чуваме нашите планини, ќе сме свесни за природното богатство што ни го даваат но и ќе научиме како вистински да живееме со нив.

Најново

Последни колумни