Најплатен менаџер во Германија во 2023 година е првиот човек на „Фолксваген“, Оливер Блуме, кој заработил околу 10,3 милиони евра и покрај кризата што ја зафати автомобилската индустрија во Германија, пишува Дојче веле. Така тој стана првиот шеф на компанија DAX чија годишна плата надмина 10 милиони евра.
На второ место е Бјорн Гулден од „Адидас“ со заработени 9,2 милиони евра, додека на третото место е Кристијан Савинг од Дојче банк со годишен приход од девет милиони евра, покажува студијата на Здружението за заштита на инвеститори DSW.
-Менаџерите на најголемите германски компании заработија рекордни суми и покрај тоа што лошо и оди на економијата, а делумно и на компаниите што ги водат, вели Дојче веле.
Заработката на членовите на управните одбори на компаниите котирани на германската берза во деловната 2023 година се зголемила во просек за 11 отсто и достигнала рекордни 2,65 милиони евра, покажува новата студија на ревизорската компанија EY. Анализирана е вкупната директна заработка, која вклучува фиксна плата и бонуси за членовите на одборот кои биле на функција во текот на целата деловна година.
Ккога се гледаат платите на водечките менаџери на германските концерни во меѓународен контекст со просечна плата од 5,7 милиони евра, може да се види дека водечките менаџери во САД, Франција и Швајцарија заработуваат многу повеќе.
Најплатени се менаџерите во САД, кои просечно заработуваат по 24,2 милиони евра годишно. Највисоки примања имал шефот на Apple, Тим Кук, дури 58,4 милиони евра, иако приходите му биле речиси преполовени во однос на 2022 година.
На второ место е извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела, со 44,8 милиони евра, додека првиот човек на Salesforce, Марк Бениоф заработил 36,6 милиони евра. Кога ќе се погледне ситуацијата во Европа, може да се види дека германските менаџери не се ни блиску до врвот кога се во прашање приходите.
Водечките менаџери на компаниите на француската берза CAC40 заработуваат во просек по 6,9 милиони евра, а оние на швајцарската ДПИ 7,6 милиони евра. Најплатен менаџер во Европа моментално е претседателот на одборот на директори на софтверската компанија „Dashault Systèmes“ Бернард Чарлс, кој лани заработил 46,7 милиони евра. И првиот човек на „Фолксваген“, Блуме, со своите 10,3 милиони евра, е на само 12-то место во Европа, иако е менаџер на најголемата компанија во Европа и најголемиот производител на автомобили во светот, кој продаде возила во вредност од 323,3 милијарди евра во 2023 година.