Како значајни историски моменти оттогаш се издвојуват решенијата за доставување на задолжителен примерок од македонската издавачка продукција и од југословенската издавачка продукција, односно тоа значи се што ќе се испечати мора да се донесе и в библиотеката за евиденција и архивирање.
Фотографиите подолу се првите примероци од тогашната продукција кои се чуваат како културно наследство од особено значење.
Со овие документи, НУБ „Св. Климент Охридски“ станува национална депозитна библиотека на тогашната Народна Република Македонија и една од осумте југословенски депозитни библиотеки. Од 1991 година, односно по осамостојувањето, библиотеката е депозитна за македонската издавачка продукција.
Покрај основната функција на национална библиотека, НУБ „Св. Климент Охридски“ е и универзитетска библиотека за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, што првично е одредено со Законот за библиотеките во НР Македонија од 1960 година, а по осамостојувањето, пак, со актуелниот Закон за библиотеките, заради унапредување и координација на работата на библиотеките на територијата на целата држава, НУБ „Св. Климент Охридски“ е дефинирана како централна национална библиотека со матична функција.
Пане Анцевски е магационер и манипулант со книги во библиотеката од 1986 година и вели дека работата порано била во поголем обем: „На времето бевме 6 магационери и одвај постигнувавме. Сега сме тројца и низ годините се намалува бројот на вработени во библиотеката“, изјави Пане.
Она што ни го привлече вниманието е системот на праќање на порака од горе од шалтерите до долу во магацините. Нема порака на телефон, маил или слично. Системот е задржан уште од минатиот век и се уште функционира. На горниот кат се праќа ливче со насловот кој е баран горе на шалтер, по цевка која долж катовите стигнува до нивото минус два, односно до магацинот најдолу и Пане или некој од неговите колеги по лифт ги праќаат книгите до горе.
Во минатото функционирале и пнеуматската пошта и транспортната лента, односно по нив се праќале книгите до горе, ама за жал одамна престанале да работат.
А во магацинот цело богатство. Весници, книги, збирки, фотографии кои се чуваат уредно по азбучен ред и на секои 10 години им се први ревизија, за да се проверат дали се во библиотеката и во каква состојба се. Откако ќе се утврди дека се е во ред, книгите си го добиваат заслужениот печат. Минатата година била година на ревизија и проверка, следно за 10 години здравје во 2032 година.
Има еден дел од библиотеката кој е чуван како очите во главата. За да го видиш ти треба посебна дозвола, а постои можност со претходна најава да го прелисташ културното наследство во твои раце меѓутоа во посебна просторија придружуван од еден вработен и со постојан видео надзор.
Во библиотеката сретнавме многу посветени луѓе кои работат во неа. Не пречека шефот на обезбедувањето кој многу цврсто го чува културното наследство на Македонија. Потоа Јовица Тасевски, програмскиот директор во библиотеката не поведе на тура низ објектот и со најголемо внимание не прошета во оваа установа која како да е замрзната во времето. Најверојатно не постои студент од минатиот век кој не ја посетил барем еднаш оваа библиотека. Кога влегуваш во неа, како да отвораш временска капсула. Мермерните скали, излижаните картончиња и целиот ентериер ги освежуваат сеќавањата за оваа институција која е особено важна и корисна во национални рамки.
„Системот на картотечно заведување веќе не се користи. Престанавме во 2006 година откако почнавме онлајн да ги внесуваме сите нови наслови кои доаѓаа во нашата библиотека“, изјави Јовица Тасевски за читателите на Трн.
Кога го посетивме ценарот за дигитализација вработената работеше на една нотна книга од 13 век и со особено внимание ја дигитализираше страница по страница. На ред за дигитализација чекаше Поезија од Ацо Шопов и Нова Македонија од 1945 година.
„Во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје процесот на дигитализација на библиотечни и фонотечните материјали и добра, според меѓународни и национални стандарди и критериуми е приоритет повеќе од дваесет години. Почетоците се 1995 година кога е создадена првата екпериментална база на дигитални ракописи, a во тој период библиотеката учествува и во неколку проекти како MINERVA, CALIMERA, Tel-Me-Mor и др., чија цел е воспоставување на поблиска соработка во полето на дигитализцијата на библиотечните фондови. Донесувањето на „Стратегијата за дигитализација на специјалните збирки во НУБ 2008 – 2011“ претставува почеток на организираниот процес на дигитализација на библиотечните фондови во државата, а 2010 година го означува почетокот на реализацијата на техничките сегменти од процесот на дигитализација, како скенирање, обработка и поставување на дигиталните колекции на веб страницата dlib.mk. Врз основа на партнерски договори со други правни и физички лица, започната е дигитализација на материјали кои не се во сопственост на библиотеката и создадени се услови за прераснување на dlib.mk во Дигитална библиотека на С. Македонија. Досега се дигитализирани околу 5.000 библиотечни наслови од фондот на библиотеката со над милион дигитални објекти и тоа: старословенски ракописи, стари и ретки книги, ориентални ракописи, ретка периодика, музички ракописи, картографски материјал, разгледници, цртежи, графики и друго“, изјавија од НУБ.
На прашањето колкав е фондот на библиотеката, го добивме следниот одговор: Фондот на националната библиотека брои околу три милиони примероци или околу милион наслови монографски публикации, 25.000 наслови на сериски публикации и друг некнижен материјал. Во рамки на општиот фонд и посебните колекции или збирките се среќаваат најразновидни бибилиотечни материјали, како стари и современи ракописи; старопечатени и ретки монографски и сериски публикации; нотни ракописи и материјали (партитури и штимови); публикации на микроформи (микрофилмови и микрофиши); аудио и видео материјали; карти и атласи; докторски дисертации, магистерски трудови, научноистражувачки проекти, албуми; оригинални графики и цртежи, плакати, разгледници, фотографии и др.
„Дел од фондот се и збирките со статус на библиотечни добра и во постапка за прогласување на заштитено добро, од кои 6 се од категоријата културно наследство од особено значење. Во овие збирки почнувајќи од најстарите старословенски ракописи од 13 век, преку богатата збирка на ориентални ракописи на арапски, турски и персиски јазик, инкунабулите стропечатените и ретки книги и ретка периодика, па сè до лични колекции на познати македонски дејци, се чува највредното пишано наследство во нашата држава“, истакнаа од НУБ Свети Климент Охридски.
Фондовите на библиотеката може да ги користи секој граѓанин на РМ и странски државјанин со навршени 16 години, како индивидуален корисник на библиотеката. Услугите можат да ги користат и правни лица со пополнување на соодветно барање. Фондовите на библиотеката можат да се користат исклучиво во просториите на библиотеката, каде освен библиотечниот фонд можат да користат бесплатен пристап до интернет, компјутерска опрема, а имаат и одреден број на читателски места за користење на сопствени преносни компјутери.
Особено значаен за библиотечното работење е системот на заемна каталогизација, односно националниот библиотечно-информациски систем COBISS.MK, кој, пак, е поврзан со другите библиотечно-информациски системи COBISS од регионот во библиотечна мрежа што овозможува слободен проток и размена на податоци меѓу библиотеките.
Читалните во оваа библиотека беа особено популарни до пред неколку години, меѓутоа од библиотеката велат дека студентите полека им се враќаат. „Во периодот по пандемијата со КОВИД 19, бројот на корисници кои се враќаат во библиотеката, полека се зголемува. Дополнителна придобивка е и подобрувањето на условите во читалниците, кои во изминатиот период со помош на средства обезбедени од Министерството за култура, донации од страна на неколку општествено одговорни компании и од сопствени средства на библиотеката беа реновирани, а заменет или репариран беше и инвентарот“, велат оттаму.