Општина Крива Паланка денеска ја најави богатата претпразнична програма на годинашниот „Новогодишен базар” што на градскиот плоштад во „Градот на културата за 2024″ ќе донесе дел од најпознатите македонски пејачи, музички групи и состави: Калиопи, Ристо Самарџиев, Наде Талевска, Влатко Лозаноски, Сара Мејс и девојките, Слаткар, Некст Тајм, Камерен оркестар на Битола и други.
Програмата започнува на 26 декември, вечерта, со концерт на дуото „Некст Тајм”, а во деновите до крајот на месецот е предвидена богата дневна програма за најмладите и концерти на познатите македонски изведувачи, додека кулминацијата како и секогаш е со спектакуларното пристигнување на Дедо Мраз на 31 декември.
– Крива Паланка повторно креираше и ќе понуди новогодишна културна програма што ќе го привлече вниманието на јавноста. Ја најавуваме богатата и разновидна програма за сите генерации што во пресрет на 2024 со „Новогодишниот базар”, со македонска забавна и народна музика, атрактивни изведувачи и забавувачи, артисти, жонглери, кловнови и најомилениот на дечињата, Дедо Мраз. Програмата ќе понуди незаборавни весели празнични моменти за сите жители и за туристите на градот кои од година во година во голем број ја одбираат токму Крива Паланка за своја дестинација во пресрет на новогодишните празници, особено поради фактот што редовно нашиот град го привлекува вниманието и со уникатното и раскошно украсување,кое со целокупната атмосфера на плоштадот е вистински магнет и за младите,но и за возрасните посетители од државата и регионот, велат од општината.
На „Новогодишен базар 2024″ ќе настапат: Некст Тајм, Влатко Лозаноски, македонската музичка дива, Калиопи, Сара Мејс и “The girlzz”, Мики Секуловски, “Пауза за ракија”, Пајак, Слаткар, “Панто Мето”, “Bada Boom”, НУ Камерен оркестар на Битола со Наде Талевска и Ристо Самарџиев, “Распеано симитче”, ди-џеј Боно, Биби и Боби, Ѓурчиновски и други