Се предвидува масовен одѕив на просветни работници, студенти, транспортни работници, таксисти и вработени во индустријата, а за одржување на јавниот ред ќе бидат ангажирани речиси 80.000 полицајци.
Францускиот министер за внатрешни работи, Бруно Ретајо, упати телеграма до префектите низ земјата со насоки за обезбедување на протестите. Тој предупреди на можни закани од ултралевичарски групи кои би можеле да се обидат да се инфилтрираат во демонстрациите, нагласувајќи дека постои „значаен ризик од нарушување на јавниот ред“.
„Основната слобода на демонстрации мора да биде гарантирана, но редот и мирот се апсолутен приоритет,“ истакна Ретајо, додавајќи дека ќе има нулта толеранција за било какво оштетување на јавни или симболични објекти, вклучително и институциите на извршната и судската власт.
Според податоците на БФМ, до вчера се регистрирани околу 250 најавени собири низ целата земја. Најактивни се синдикатите од јавниот сектор, транспортот и земјоделството, кои преку социјалните мрежи повикуваат на масовно учество, особено во регионите Морбијан, Еро, Ош и Тур.
„Денот на општествена мобилизација“ беше најавен кон крајот на август како реакција на мерките за буџетска штедливост предложени од поранешниот министер за финансии Франсоа Бајру, кои предизвикаа незадоволство поради ограничување на социјалните права.
Последниот протест на 10 септември собра околу 197.000 луѓе, според Министерството за внатрешни работи, а организаторите очекуваат утрешните собири да бидат далеку побројни.
Извор: N1info.rs