Музиката што не познава граници: Вечер за Микис Теодоракис
Во Националната опера и балет, Скопје му оддаде чест на Микис Теодоракис со концерт по повод 100 години од неговото раѓање. Музиката што ги поврзува културите и надминува граници оживеа пред полна сала – со емоција, страст и вечни мелодии.
Во Националната опера и балет, Скопје му оддаде чест на музичкиот глас што го надмина 20 век. Концертот посветен на Микис Теодоракис по повод 100 години од неговото раѓање не беше само културен настан, туку емоционална вечер исполнета со спомени, симболи и музика што не знае за граници. Делата на овој легендарен грчки композитор повторно оживеаја пред македонската публика, потсетувајќи нè дека музиката, кога е искрена и голема, не припаѓа на ниту една земја, туку на сите.
Настанот беше подготвен со внимание, со топлина и со почит, а на сцената настапија реномирани грчки музичари: Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргос (мандолина и бузуки), кои преку внимателно избрана програма изведоа 25 композиции од различни периоди на творештвото на Теодоракис – од широко познатите филмски теми, до лирски песни и инструментални бисери кои ретко се изведуваат.
Настапот започна со музика од филмот Серпико (1973) со Ал Пачино, а заврши, како што беше и очекувано, со музиката од “Гркот Зорба” – која не само што го крена целото гледалиште на нозе, туку и буквално – неколку дами од публиката се качија на сцената и го одиграа култниот сиртаки. За бис, уште еднаш, повторно Зорба.
„Музиката на Теодоракис ги поврзува луѓето низ емоцијата, уметноста и заедничките вредности. Таа ги надминува границите и културните разлики,“ изјави амбасадорката Софија Филипиду.
„Голема е честа што сме тука вечерва. Овие песни се добро познати, особено во нашиот дел од светот. Музиката е важна. Таа гради мостови,“ – рече амбасадорката.
Клеоники Демири, која зад себе има респектабилна кариера на европски сцени, истакна:
„Микис Теодоракис е универзален композитор. Тој не припаѓа само на Грција. Тој припаѓа на светот.“
А неговиот колега Димитрис Куфогиоргос дополни:
„Музиката е нематеријална, но сите нè допира на сличен начин. Прекрасно е што ја споделуваме токму овде, каде секогаш се чувствуваме како дома.“
Теодоракис – композитор што станал симбол
Роден во 1925 година на Крит, Теодоракис зад себе остави дело што го надминува класичното поимање на музичар. Тој беше композитор со академска подготовка, со напишани симфонии, ораториуми, камерна музика и опери. Но неговиот вистински печат беше тоа што ја спушти музиката на улица, кај народот. И од таму ја подигна повторно – како оружје на духот.
Неговите мелодии ја раскажаа историјата на Грција, но и на целата медитеранска душа. Стана познат по музиката за филмот „Гркот Зорба“, која стана синоним за грчката култура, но негови се и партитурите за „Серпико“, „Z“, и стотици други дела кои се изведуваат низ светските концертни сали.
Теодоракис често велеше дека песната е начин да се остане човек. Во еден свет каде политиката се менува, вредностите се разнишуваат, а зборовите се девалвираат, музиката на Теодоракис останува – како сидро на достоинството.
Можеби неговите симфонии и ораториуми еден ден ќе заземат трајно место во класичниот репертоар, но неговите песни – „Ax, agapi“, „To gelasto pedi“, „Z“, „Ena to helidoni“ – веќе се таму: во колективната меморија на Балканот, во срцата на сите што не престанале да веруваат во силата на уметноста.