Првиот специјализиран музички телевизиски канал во светот – MTV – официјално го заврши емитувањето на своите музички програми за Нова година, затворајќи едно од највлијателните поглавја во историјата на поп-културата. Последната песна што беше емитувана на MTV беше истата со која каналот започна во 1981 година – „Video Killed the Radio Star“ од групата The Buggles.
Со овој симболичен избор, MTV направи јасна референца кон сопственото раѓање и значењето што го имаше во трансформацијата на музичката индустрија – од звук кон слика, од радио кон телевизија. Токму видеото за оваа песна беше првиот музички спот емитуван на MTV на 1 август 1981 година, означувајќи нова ера во начинот на консумирање музика.
Иако светските агенции објавија дека сите MTV канали се одјавиле на идентичен начин, каналот MTV 90s, посветен на музиката од последната деценија на 20 век, се одлучил за поинаков крај и програмата ја затворил со песната „Goodbye“ од Spice Girls.
Според магазинот People, MTV како бренд не исчезнува целосно. Каналот ќе продолжи да постои преку различни специјализирани содржини, реални шоуа и серии, но музичките канали во нивната класична форма – какви што ги познаваше публиката – престануваат со емитување, особено во Европа, Велика Британија, Австралија и Бразил.
Сопственикот на каналите, компанијата Paramount, официјално не ги соопшти причините за оваа одлука, но според медиумските анализи, станува збор за економска и стратешка проценка дека моделот на 24-часовна музичка телевизија повеќе не е одржлив во ерата на стриминг платформите, социјалните мрежи и он-деманд содржините.
Со гасењето на музичките канали, MTV не згаснува само како телевизиска платформа, туку и како културен феномен што создаваше ѕвезди, диктираше трендови и беше клучен медиум за цели генерации. Крајот на MTV во оваа форма е уште еден сигнал за длабоката трансформација на медиумскиот пејзаж – каде што видеото опстанува, но телевизијата веќе не е неговиот главен дом.
