МСУ – СКОПЈЕ воведува ,,Тура на инклузивноста’’

Една од целите на Музејот на Современата Уметност – Скопје е да придонесе кон концептот еднакви можности преку подобрување на достапноста на своите содржини за ранливи категории граѓани.

Во текот на изминатите неколку години, постигнат е напредок во стратегијата кон инклузивноста, односно достапноста на музејската збирка и изложбените содржини кон различни категории посетители, како на пример школски посети, високообразовни, туристички посети, семејни посети и посети на маргинализирани и ранливи групи.

МСУ има долгогодишен едукативен проект, работилници со деца, под мотото “Секој има свој отпечаток” во соработка со училиштата ОУРЦ „Иднина“ и ОУРЦ „Златан Сремец“ од Скопје.

Во рамките на оваа едукативна програма, МСУ ја воведува ,,ТУРАТА НА ИНКЛУЗИВНОСТА’’ која подразбира континуирано вклучување на ранливите групи граѓани во својата образовна и изложбена програма.

Оваа цел е поврзана со севкупната општествена улога на МСУ, со специфичен фокус на инклузивноста или како да се трансформира во Музеј пристапен и разбирлив за различни посетители. Приспособувањето на МСУ кон концептот на инклузивноста ќе овозможи ранливи групи, како и поединци од разнообразен економски, културен, социјален контекст директно и активно да учествуваат во културната и едукативна динамика на музејот.

,,ТУРАТА НА ИНКЛУЗИВНОСТА’’ ќе биде водена од кустосот Бојана Јанева во соработка со експерти и инструктори од различни институции и центри.

Турата на инклузија, која ќе се одвива еднаш месечно, со различни ранливи групи од земјава започнува во среда на 13 декември во 12 часот, со Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет “Мобилност”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни