Македонската радио-телевизија (МРТВ) се наоѓа на долната граница од регионалниот распон кога станува збор за транспарентноста и подготвеноста за користење на вештачка интелигенција (ВИ), покажува првиот регионален извештај на NarativAI – Центар за медиумски иновации на Балканот.
Истражувањето ги анализира јавните радиодифузни сервиси во седум земји од Западен Балкан, со фокус на етичките стандарди, отчетноста, транспарентноста и институционалната подготвеност за справување со новите технолошки предизвици. Во рамки на анализата е опфатена и Македонска радио-телевизија.
Според резултатите, МРТВ остварува 50 од можни 100 поени, од кои 30 поени за транспарентност и 20 поени за дигитална и ВИ-подготвеност. Овој резултат ја позиционира институцијата во групата јавни сервиси со умерено ниво на подготвеност, но со јасно идентификувани структурни слабости.
Силен кодекс, но без ажурирање
Извештајот посочува дека МРТВ располага со обемен Етички кодекс, кој претставува солидна основа за професионално и одговорно новинарство. Сепак, документот не е ажуриран од 2017 година и не ги опфаќа современите предизвици поврзани со дигиталното новинарство, социјалните мрежи, алгоритмите, синтетичките содржини и употребата на вештачка интелигенција.
Дополнителен проблем, според истражувањето, е што иако дел од клучните документи формално се јавно достапни, нивната прегледност и лесна достапност за граѓаните е ограничена, што ја намалува практичната транспарентност на јавниот сервис.
Недостаток на правила за вештачка интелигенција
Во делот на ВИ-подготвеноста, NarativAI констатира дека МРТВ нема јасно дефинирани интерни политики за користење на ВИ-алатки во редакциската работа. Не постојат конкретни насоки за новинарите, уредниците и надворешните соработници, ниту пак формализирани механизми за управување со ризиците поврзани со синтетички содржини, автоматизирана обработка на информации и технолошка манипулација.
Ова добива дополнителна тежина ако се земе предвид дека вештачката интелигенција веќе станува дел од секојдневната новинарска практика, често на индивидуално ниво, надвор од институционални правила и без јасна одговорност и надзор.
Препораки за реформи
„Овој извештај не е критика, туку алатка за унапредување. Јавниот сервис во Македонија има основа врз која може да се надгради, но без навремено ажурирање на етичките и транспарентните рамки, ризикот е да се заостанува зад технолошката реалност и очекувањата на јавноста“, се наведува во заклучоците на истражувањето.
NarativAI препорачува: ажурирање на Етичкиот кодекс на МРТВ, воспоставување јасна и видлива страница за транспарентност, подобрување на механизмите за јавни претставки и усвојување посебна политика за етичка употреба на вештачката интелигенција.
Регионален контекст
Регионалната анализа покажува дека јавните радиодифузни сервиси во Западен Балкан се движат меѓу 50 и 65 поени, што укажува на постоење основни институционални рамки, но и на недоволна подготвеност за дигиталните и ВИ-предизвици.
Највисок резултат од 65 поени оствариле БХРТ и РТК, по што следуваат РТЦГ и РТШ со по 60 поени, РТС со 55 поени, додека ХРТ и МРТВ со по 50 поени се позиционирани на долната граница од регионалниот распон.