Целата приказна почна откако MrBeast на X објави дека ќе го купи TikTok за да го спаси и да може да продолжи да биде активен во САД, по што рече дека многу милијардери го контактирале за да се креира план за купување на платформата.
Во објавеното видео, Доналдсон вели дека се сретнал со неколку милијардери и дека се сериозни.
„Ова е мојот адвокат. Имаме подготвена понуда, сакаме да ја купиме платформата. Америка заслужува да има TikTok. Дајте ми место на масата, да ја спасиме платформата“ вели MrBeast.
Според најновите информации, популарната социјална мрежа ќе ја исклучи својата апликација за сите американски корисници во недела на 19 јануари, што претставува радикален потег во споредба со она што го бара ново усвоениот закон.
Оваа одлука ќе има директен ефект на дури 170 милиони активни месечни корисници во Соединетите Американски Држави, кои од недела ќе останат без пристап до својата омилена платформа. Компанијата ByteDance, сопственик на TikTok, планира да ги пренасочи сите корисници на специјална страница каде ќе можат да ги преземат своите податоци.
Законот кој го потпиша претседателот Џо Бајден во април минатата година првично предвидуваше само забрана за нови преземања на апликацијата од App Store и Google Play продавниците, како и оневозможување за ажурирање на постоечката апликација. Меѓутоа, ByteDance, според изворите, одлучи да направи радикален чекор и да ја исклучи апликацијата целосно.
Во сржта на целата контроверзија се наоѓа загриженоста на американските законодавци дека TikTok може да служи како средство за шпионажа од страна на кинеската комунистичка влада. Според кинеските закони, ByteDance е обврзан да ги споделува податоците на корисниците со властите ако тие тоа го побараат.
Сепак, затворањето на платформата во САД може да биде избегнато со предавање на платформата на американски сопственик за работата во САД.