Марија Корина Мачадо, лидерка на венецуелската опозиција и добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, пристигнува во Вашингтон на разговори од клучно значење со американскиот претседател Доналд Трамп за иднината на Венецуела по соборувањето на Николас Мадуро. Средбата се одржува откако Трамп изненади многумина дозволувајќи ѝ на потпретседателката на Мадуро, Делси Родригез, да ја преземе контролата, со што беа распрснати надежите на опозицијата за почеток на нова демократска ера.
Последните 12 месеци за Мачадо беа вистинско возење на ролеркостер. Пред точно една година таа беше видена во Каракас, обидувајќи се да ги мобилизира масите против Мадуро, кој го започнуваше својот трет претседателски мандат, откако изборните власти ја прогласија неговата победа на претседателските избори во 2024 година без објавување детални резултати.
Тоа беше последен пат Мачадо да биде видена во јавноста сѐ до минатиот месец, кога излезе од илегала за во Норвешка да ја прими својата награда, по смелото бегство од Венецуела и избегнувањето апсење од силите лојални на Мадуро.
Меѓутоа, овој месец Мачадо остана настрана додека Соединетите Американски Држави спроведоа преседанска операција во Венецуела со цел апсење на Мадуро и неговата сопруга и нивно префрлање во Њујорк, каде што се соочуваат со обвиненија за нарко-тероризам и трговија со дрога.
Во текот на целиот тој период, Мачадо се обидуваше да ја придобие наклонетоста на Доналд Трамп – најпрво несмасно поддржувајќи ја стратегијата на Белата куќа за пресметка со наводните нарко-картели на Карибите, меѓу кои имаше и многу Венецуелци, иако имаше малку јавно достапни докази за таквите напади, а потоа и предизвикувајќи контроверзии со тоа што својата Нобелова награда му ја посвети токму на Трамп, кој со години отворено води кампања самиот да ја добие таа награда.
И покрај јавните изрази на наклонетост и повторените пофалби кон американскиот претседател, во клучниот момент по соборувањето на Мадуро, Трамп не ѝ даде поддршка на Мачадо за преземање на власта, туку на претставничка на старата гарда – Делси Родригез, долгогодишна сојузничка и заменичка на Мадуро.
На некој начин, Мачадо стана жртва на сопствениот успех. Таа не ја бараше Нобеловата награда, а нејзината номинација во август 2024 година ја поднесоа, меѓу другите, и државниот секретар на Трамп, Марко Рубио. Сепак, не е тајна дека претседателот лично беше огорчен од таа одлука, изјавувајќи уште минатата недела дека „нико во историјата“ не ја заслужил Нобеловата награда за мир повеќе од него.
Извори блиски до Мачадо изјавија за CNN дека, заклучно со понеделникот навечер, таа и Трамп не разговарале од октомври, кога таа му ја посвети наградата – гест што американскиот претседател го опиша како „многу убав“.
Јазикот што Трамп го разбира
Доколку има намера повторно да ја придобие наклонетоста на Трамп, Мачадо е свесна дека ја очекува сериозен заостаток што мора да го надомести.
Лидерката на опозицијата го осуди подемот на Родригез, истакнувајќи во интервју за CBS дека актуелната вршителка на должноста претседател е под американски санкции поради кршење на човековите права уште од 2017 година и дека била длабоко вклучена во управувањето со озлогласениот затвор Ел Хеликоиде – поранешен трговски центар кој, според наводите, важи за еден од најголемите центри за тортура на венецуелските власти.
Родригез повеќепати ги отфрли овие обвинувања и, според сѐ, е уверена дека докажала дека знае да зборува на јазикот што Трамп го разбира.
Неодамнешните изјави на Трамп укажуваат дека стабилноста и деловните можности поврзани со извозот на нафта за него се поважен приоритет од слободата и демократијата во Венецуела.
Мачадо, барем засега, очигледно не може да му понуди ниту едното ниту другото. Белата куќа процени дека таа не би имала доволна поддршка во рамките на вооружените сили и безбедносниот апарат за да управува со земјата, за разлика од Родригез, која со години работеше на тоа да му се прикаже на американскиот претседател како сигурен партнер.
Во 2017 година, на врвот на хуманитарната криза во Венецуела, додека Родригез беше министерка за надворешни работи, Каракас преку својата нафтена подружница CITGO уплати половина милион долари на инаугуративниот комитет на Трамп.
Еден од првите потези на Родригез како вршителка на должноста претседател беше именувањето на Каликсто Ортега, поранешен директор во CITGO и дипломец на Универзитетот Колумбија, за потпретседател задолжен за економија, со задача да ги истражи деловните можности со американските компании.
Конечната потврда за ова ново приближување дојде минатата недела, кога Трамп отворено изјави дека неговата администрација „исклучително добро соработува со народот на Венецуела и со оние што денес ја водат Венецуела“.
Мачадо засега не може да понуди ништо од тоа: таа не ја контролира сопствената земја, ниту нафтата по која Трамп отворено копнее, а нема ни можност да плаќа милиони долари за лобисти во Белата куќа.
Сепак, таа смета на поддршката на многумина во Вашингтон, а пред сѐ на Марко Рубио, со кого со години има и личен однос.
Познато е дека Трамп носи клучни одлуки врз основа на личен впечаток за карактерот на луѓето, а фактот дека Мачадо се сретна со него лице в лице, додека Родригез доби само телефонски повик, оди во нејзина корист.
Постојаните превирања околу војната во Украина покажуваат дека под „Трамп 2.0“ ништо не е конечно решено, а Мачадо ќе ужива во предизвикот да ја претвори својата слабост во успех. Последниот лидер што ги потцени нејзините способности и волја денес седи во затворска ќелија во Бруклин.
