Time Out го избра Стариот мост во Мостар за најимпресивен во светот

Стариот мост во Мостар е избран за најимпресивен мост на планетата според Time Out. Симбол на помирување и светско наследство под заштита на UNESCO.

Светски познатиот магазин Time Out објави листа на најимпресивните мостови на планетата, а на првото место се најде Стариот мост во Мостар. Оваа градба, која со векови го симболизира градот, беше издвоена како најубава и највпечатлива меѓу бројни светски архитектонски ремек-дела.

Мостовите низ историјата не служеле само како инфраструктурни објекти, туку и како доказ за човечката креативност и инженерска умешност. Од иконски градби како Sydney Harbour Bridge и Brooklyn Bridge, до необични конструкции во Скандинавија и традиционални висечки мостови во Перу, светот изобилува со фасцинантни примери.

Сепак, според изборот на Time Out, токму Стариот мост во Мостар се издвојува над сите. Изграден во 16 век, неговиот камен лак се издига околу 25 метри над реката Неретва. Мостот беше урнат во 1993 година за време на војната во Босна и Херцеговина, но благодарение на меѓународна поддршка и локална посветеност, повторно беше изграден во периодот од 2001 до 2004 година, користејќи и оригинален камен изваден од реката.

UNESCO го впиша мостот на Листата на светско наследство во 2005 година, опишувајќи го како симбол на помирување, меѓународна соработка и соживот на различни културни, етнички и верски заедници.

На листата на Time Out се најдоа и Double Decker Root Bridge во Индија, Golden Bridge во Виетнам и Circle Bridge во Данска, но според нивната оценка, мостот од регионот заслужено го понесе епитетот најимпресивен во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни