И покрај речиси целосната информативна блокада, масовните апсења и бруталното задушување на протестите, од Иран и понатаму пристигнуваат потресни сведоштва од граѓани кои учествувале во демонстрациите или насилството го гледале од непосредна близина.
Како што пишува британскиот Guardian, протестите кон крајот на декември започнале како економски бунт поради наглиот пад на вредноста на валутата, но многу брзо прераснале во отворен политички предизвик за власта и врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Додека државната телевизија прикажува сцени од „нормален живот“ и провладини собири, ноќе во бројни градови се собираат илјадници луѓе. Безбедносните сили, според сведоштвата на учесниците, одговараат со сила. Педесетгодишна претприемачка од Техеран, која се претставила како Сара, раскажа дека во саботата навечер во елитната населба Андарзгу атмосферата била мирна и дека меѓу собраните имало семејства, постари лица и деца – сè додека не се појавиле безбедносните сили.
Тогаш, како што тврди, тие ги кренале јуришните пушки и отвориле оган врз невооружените демонстранти од непосредна близина. На снимката што ја испратила се слуша пукање додека таа се оддалечува и постојано ја повторува само една реченица: „Без срам“.
Слична слика опишува и деветнаесетгодишен студентски активист, кој ја нагласува симболиката на случувањата на улиците. „Вечерва маршираат илјадници. Видов деца на рамениците на родителите, баба облечена во чадор како вика ‘Смрт за Хамнеи’. Сфаќате ли колку е тоа значајно?“, изјавил тој, потенцирајќи дека протестите повеќе не се само економски, туку директно насочени против режимот.
Иако претседателот Масуд Пезешкијан јавно повика на дијалог и најави истраги за злоупотреби, снимките од терен сведочат за сè побрутални интервенции. Еден од нив прикажува упад на интервентната полиција во болница во западната провинција Илам, каде биле лекувани повредени демонстранти. Соран, учесник на протестите од Керманшах, вели дека станува збор за одамна познат модел на репресија.
„Со децении гледаме како власта користи максимално насилство против нас. Ни сега не е поинаку. Пукаат на сите и на сè“, изјави тој.
„Намерно пукаат во луѓето во лицe“
Особено вознемирувачко сведоштво пристигна од Машхад од дваесет и осумгодишната новинарка Махса, непосредно пред да биде прекината врската со надворешниот свет. Таа раскажа дека безбедносните сили влетувале во масата со комбиња и мотори, забавувале, а потоа, како што вели, „намерно пукаале во луѓето во лицe“.
„Многумина се ранети. Улиците се полни со крв. Се плашам дека ќе гледам море од мртви луѓе“, порача таа.
Од северниот дел на Техеран пристигнаа и тврдења за снајперисти кои пукале врз масата. Во исто време, на социјалните мрежи кружат снимки од тела на подот на болници и импровизирани мртовечници со десетици вреќи за лешеви. Државната телевизија, меѓутоа, тврди дека во вреќите се лица убиени од демонстрантите и дека обдукциите покажуваат убодни, а не прострелни рани.
Според податоците на американската организација за човекови права Human Rights Activists News Agency, кои ги пренесува Index, досега се убиени повеќе од 570 луѓе, меѓу нив над 500 демонстранти, додека повеќе од 10.600 лица се уапсени. Протестите, според истите извори, ги зафатиле сите 31 иранска провинција и влегле во третата недела.
Кризата доби и силна меѓународна димензија. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран наводно бара преговори, но и дека САД разгледуваат воени опции. Европската унија, во меѓувреме, порача дека е подготвена да воведе дополнителни санкции против Иран поради насилното задушување на протестите.
Иранските власти, од друга страна, ги обвинуваат Западот и Израел за поттикнување на немирите и порачуваат дека се „подготвени и за војна и за дијалог“.
И покрај речиси целосниот прекин на интернетот, повремени пораки сепак пристигнуваат од Иран. Еден демонстрант од Техеран успеал кратко да се поврзе и да испрати порака до надворешниот свет:
„Со огромни напори, илјадници од нас успеаја да се поврзат за да пренесат што се случува. Се бориме за револуција, но ни е потребна помош.“
Таа реченица, како и сведоштвата за пукањето и крвта на улиците, можеби најпрецизно ги отсликуваат размерите на кризата во Иран – земја во која протестите повеќе не се доживуваат како инцидент, туку како отворен и крвав судир меѓу граѓаните и власт.