Молдавија утрово се соочи со сериозно нарушување на својот воздушен простор, откако шест дронови неовластено влегоа над територијата на државата. Инцидентот се случи во раните утрински часови, непосредно по новиот масовен руски напад врз Украина, соопшти молдавското Министерство за одбрана.
Според официјалното соопштение, првата беспилотна летелка била детектирана на правецот Виноградовка–Вулканешти и се движела кон границата со Романија, во близина на местата Колибаши и Вадул Луј Исак. Летала на висина од околу 1.500 метри, а надлежните институции биле веднаш алармирани.
Кратко потоа, системите за надзор регистрирале уште пет дронови кои го прелетале молдавскиот воздушен простор над Дондушени, Орхеи, Бендер, Вадул Луј Вода и Флорешти.
Ситуацијата ескалирала кога една од летелките се урнала врз покрив на куќа во селото Кухурештии де Жос, во регионот Флорешти. Полицијата потврди дека објектот паднал во двор со овоштарник.
Техничко-експлозивните тимови веќе се упатени кон локацијата, а жителите се евакуирани како мерка на претпазливост. Полицијата ја изолираше областа сѐ додека не биде извршена безбедносна процена.
Министерството за одбрана упати апел до јавноста веднаш да пријавуваат секој сомнителен предмет и во никој случај да не се обидуваат да го допрат.
Во дел од првичните анализи се појави и претпоставка дека урнатиот дрон можеби бил „мамец“, чија цел е да го одвлече вниманието и да го олесни пробивањето на вооружени дронови низ системите за противвоздушна одбрана — сценарио кое регионалните аналитичари веќе го имаат забележано во други случаи поврзани со војната во Украина.
Инцидентот дополнително ја засилува загриженоста во регионот, особено кај земјите во близина на украинската граница, кои во последните месеци се соочуваат со сѐ почести нарушувања на воздушниот простор како последица од интензивирањето на конфликтот.
