„Студентите иссвиркуваа, одбивајќи да бидат пасивни слушатели на монолози, во моменти кога нивната болка е погласна од сè! Огромниот број на студенти кои се појавија на платото на УКИМ, не за еден поединец, туку за нивните пријатели, колеги и познаници. За тагата и гневот кои ги чувствуваат како млади луѓе кон системот, кон трулото секојдневие и кон сè што тоне“ велат од МОФ.
Тие додаваат дека да си студентски лидер значи многу повеќе од формална функција или титула. Тоа значи да бидеш гласот на илјадници млади луѓе кои ти ја дале својата доверба. Тоа значи да ја браниш нивната слобода, достоинство и глас.
„Ви се обраќаме на вас, на студентските претставници! Вие не сте таму заради популарноста, а ниту заради министрите, ниту заради ректорите или политичарите. Вашето место не е во нивна сенка, туку во првите редови на студентската борба! Никој од центрите на моќ – ниту ректоратот, ниту министерството, ниту политичарите – никогаш нема да го чуваат вашиот грб. А вие не сте таму заради нив. Вие сте таму само и единствено само, заради студентите. Тие се вашата сила, и вашата единствена вистинска поддршка“ велат од МОФ.
Историјата нè учи дека секогаш кога студентските движења биле независни од политиката, постигале значајни победи, додаваат тие.
„Од моменти кога била газена студентската автономија, до моменти кога студентите требале да покажат каде им е навистина местото. Токму затоа платото на УКИМ е свето место. Сведок и симбол на сите битки кои студентите ги воделе за подобро општество. Денешниот собир не смееше и ниту еден нареден не смее да биде политизиран. Студентите не може и не смее да бидат предмет на калкулации или интереси“ велат од МОФ.
Како што додаваат од младинската организација, студентскиот збор вреди онолку колку што ќе го браниме со страст, достоинство и непоколебливост и затоа го поставуваат прашањето: Колку вреди студентското достоинство?
„Пред само еден месец одбележавме пет години откако го создадовме студентското организирање заедно со студентите. Движење кое произлезе од искрената желба за вистинско претставничко тело, што ќе ги застапува студентски интереси низ лавиринтите на факултетите, универзитетите и министерствата. Денес повеќе од кога било, е јасно дека ова тело мора повторно да биде она што беше замислено – независен глас кој ќе биде верен само на студентските идеали“ велат од МОФ.