Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската авторка Румена Бужаровска е преведена и на грчи јазик и ќе биде дел од 19. Меѓународен саем на книгата во Солун! Преводот е на познатата преведувачка Александра Јоаниду, професорка по славистика на Универзитетот Аристотелис во Солун.
Ова прозно дело на Бужаровска, расплетено на 130 страници, за прв пат за македонската јавност стана достапно во 2014 година и до сега има осум изданија. Расказите ја прикажуваат смеата и тагата во секојдневието.
Во своето толкување Оливера Ќорвезироска за „Мојот маж“ напиша:
„Одамна во домашната издавачка продукција не се појавила збирка раскази како „Мојот маж“ – компактна, сложна, единствена во различностите, со зададен и бравурозно решен „раскажувачки проблем“, заодена со совршено јасни стапалки низ песочните наноси на болката, низ натрупаната тишина на премолчуваното, мрачното делнично, не само во стварното туку и во книжевното живеење… Ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години“.
Инаку, месецов во Подгорица, во рамките на црногорското издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА“, Драмски театар од Скопје во Градското позориште во Подгорица ја изведе претставата „Мојот маж“…