Мојот ученик Марко

Во амбиент на сериозно загрозување на правата на младите од ЛГБТИ заедницата, вжештени полемики за родот и родовите слободи и законската регулатива, чувствувам дека е моја професионална должност да зборувам за искуствата како училиштен психолог и наставник по психологија со речиси 30-годишен работен стаж.

Во налетот на голема грижа за децата и младите, актуелно изразена од Црквата и антиродовите здруженија, парадоксално никој не ги прашува токму нив, младите, за тоа кои се нивните потреби, како тие размислуваат, што тие чувствуваат кога возрасните не ги „земаат во обѕир“ и не ги вклучуваат во креирањето на закони по нивна мерка.

Со овој текст сакам да им дадам глас на сите ученици и ученички од ЛГБТИ заедницата на кои сум им дала поддршка – низ приказната за мојот ученик Марко.

На крајот на секој час обично задавам вежба. Часот е посветен  на методите и техниките во психологијата. Вежбаме интроспекција. „Дојдете во контакт со своите чувства, Обидете се да препознаете како се чувствувате во овој момент. Не брзајте!…Запишете ја својата интроспекција!” Секогаш прашувам дали некој сака да сподели пред останатите. Се јавуваат двајца. Споделуваат. Ги коментираме својствата на интроспекцијата, предностите и недостатоците на методот. Дискутираме за тоа во кои случаи може се користи. Им ги собирам задачите. Обично ги прегледувам и давам кратки пишани коментари. По два дена, ги прегледувам за да можам да им ги вратам на следниот час. На еден лист читам: „Многу чудна вежба. Никогаш никој не ме прашал да опишам како се чувствувам…Тажно, немоќно, осамено…сакам да излезам од оваа кожа, да ме снема, да престанат сите мои страдања…“ Ме вознемирува текстот, погледнувам кој го пишувал. Името не ми е познато, бидејќи со учениците сум имала само четири часа од почеток на учебната година.

Размислував што да напишам во коментар. Пишувам: „Ја гледам твојата тага и безнадежност и ти благодарам што ја споделуваш со мене. Би можеле да поразговараме по часовите.“

Марко дојде во мојата канцеларија по часовите. Иако поминаа повеќе од десет години, сѐ уште му го помнам погледот – неговите зелени очи само трепнаа и засолзија кога за прв пат некому му сподели дека е хомосексуалец, геј.

Разговаравме долго, за тоа како почувствувал привлечност кон еден соученик уште во основно, како многу се срамел и самообвинувал за тоа, како се обидувал да има девојки, но не му одело. Како многу читал и истражувал на Интернет за да си објасни што му е.

Разговаравме за тоа дека кога неговите би дознале, татко му би го убил. Дека нема со кого да сподели, дека има само една другарка, но се плаши дека ако ѝ каже, таа нема повеќе да се дружи со него.   

Разговараме за училиштето, за навредите, за потсмевот од соучениците. Ми кажува како во основно го малтретирале поради изгледот, го нарекувале педер, му ги кинеле книгите, го заклучувале во спортската соблекувална. За наставничката што кога го прозивала, му викала: „Ама што си ти, машко или женско?!“. За срамот, тишината и кнедлата во грлото додека стои пред соучениците. Во средно не го малтретираат бидејќи „им се трга на сите од патот“. На одмор седи сам во училница.

Разговараме за тоа дека навечер има кошмари и не може да спие, дека тешко учи откако некој под неговиот прозор во зградата со спреј напишал – Марко педер! Татко му бил страшно лут, му удрил шамар и го испрашувал за да „признае“ дека е педер. Дека баба му колнела дека е тоа ѓаволска работа. Дека почнува да добива панични напади. Дека мајка му сака да го носи на психијатар бидејќи мисли дека нешто не е во ред со него. Дека само седи сам во соба и не му се живее.

Го запознав Марко во четвртата година од неговото средно образование, му бев поддршка кога беше осамен и тажен, го охрабрував да се справува и да носи свои избори – онолку колку што знаев и умеев.

Денес Марко живее во странство. Има партнер веќе неколку години. Во странската земја се чувствува слободен, безбеден и задоволен дека не мора да ја крие својата сексуална ориентација. Никогаш не сподели со семејството дека е геј, ама му тежи недореченоста, „животот во полусенка“, како што знае да каже. Понекогаш доживува анксиозни напади.  Успешен е во професијата која ја работи. Останавме во контакт и понекогаш се гледаме кога е во Македонија.

Ова е само едно од низата вакви искуства што ми ги има донесено работата како психолог во средно училиште. Низ годините увидов дека сите се слични по притисокот и последиците врз менталното и емоционалното здравје што ги чувствуваат младите од ЛГБТИ заедницата. Панични напади, депресија, анксиозност. Неретко и обиди за самоубиство.  

Истражувањата спроведени во рамките на Меѓународната лонгитудинална Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст на 11, 13 и на 15 години (ХБСЦ), во која нашата земја учествува веќе 20 години, ги потврдуваат претпоставките за исклучително тешката и нееднаква позиција на оваа група млади по нивното ментално, социјално и физичко здравје.

Младите на возраст од 11 до 13 години, со хомосексуална ориентација и со нетипични родови идентитети во Македонија се помалку поддржани од семејството и од врсниците, поизложени на насилства и на малтретирање, повеќе страдаат од психички проблеми и почесто размислуваат за самоубиство, во споредба со хетеросексуалните млади.

Секое второ момче или девојче, со хомосексуални склоности, или со трансродов идентитет, на возраст од 13 до 15 години, страда од депресивни чувства, а секое трето момче размислува на самоубиство. Едно од четири хомосексуални момчиња, на истата возраст, планирало самоубиство. Момчињата се позагрозени од девојчињата, што е исто така резултат на културата којашто не го простува родовото предавство на мажот.

Традиционалното семејство што мнозинството деца од Македонија го опишуваат како грижливо и од поддршка, за младите со хомосексуална ориентација и за трансродовите деца претставува првата точка на сопнување во откривањето и во развојот на сопствената сексуалност, на која се темели сликата за себе и формацијата на детскиот родов идентитет.  Сличен е и односот на врсниците и на соучениците кон овие родово различни деца – особено ако се спореди со позитивното внимание што го добиваат хетеросексуалните млади. И не само во отсуството на поддршката, туку и во настојувањата тие да бидат обележени, казнети и исклучени учествуваат сите. Малтретирањето во училиште е дел од нивниот секoјдневен живот. За жал, и македонскиот образовен систем не ги препознава сопствениот потенцијал и одговорноста во трансформацијата на традиционалните вредности, според демократски начела и човекови права, па најчесто ја игнорира состојбата.

На сето ова сега можеме да ја додадеме и заканата од осуда од Црквата, говорот на омраза, нетолеранцијата и  дискриминацијата присутни во јавноста. Ова само дополнително ја усложнува состојбата со менталното и емоционалното здравје на оваа група млади, бидејќи и тие потекнуваат од хетеросексуални семејства во кои се негува христијанскиот дух и се почитуваат верските празници и ритуали.

Ги оставаме ли овие млади сами да се справуваат со прифаќање на сопствената сексуалност? Без поддршка од семејството, училиштето и без постоење на институциоинален систем и закони. Кој ќе ја понесе одговорноста?

Авторката е училиштен психолог и членка на Управниот одбор на ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни