Помеѓу Вивалди и Пјацола: МММ оркестарот ја слави музиката и младоста

46. издание на манифестацијата „Скопско лето“ свечено се затвори со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Сашо Николовски – Ѓумар“ во средата на 30 јули во Сули Ан Скопје, под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ.

Божана Бошева, на виолина вели дека трета година по ред како е дел од Камерниот оркестар на МММ и дека искуството секоја година и е се поголемо. Годинава имаат и солитка од Србија и се собираат од сите држави, непроценлива е енергијата, дружбата и атмосферата која постои меѓу членовите, вели таа. Годинава на сите солисти им се погодиле годишните времиња, на Божана и се погодило лето и таа вели дека сосема и одговара.

Магдалена Дрмач, која четири години е дел од Камерниот оркестар на МММ вели дека годинава специјално доаѓа од Лондон, каде студира на Кралскиот колеџ како стипендиран млад талент. Околу виолончелото таа изјави дека е прилично тешко и заедно со футролата уште потешко, ама се издржува.

Јаков Ангелов е трета година по ред дел од МММ и навистина му е мило што има чест да биде дел од вакви значајни културни манифестации како што се Охридско лето и Скопско лето. Околу возрасната граница на музичарите дел од МММ, Јаков истакна дека не треба да биде над 30 годишна возраст.

Ивана Давидовска која свири на контрабас изјави дека публиката многу влијае на изведбата на музичарите. Публиката полека се едуцира за ваков тип настани, таа вели.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986г.

Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа, составен е од студенти на ФМУ – Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано 350 млади, како и голем број на млади, но и афирмирани светски солисти. Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.

Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Корунвски, С. Николовски – Ѓумар, В. Николовски – Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Иван Еминовиќ, со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти.

Оркестарот има реализирано повеќе од 100 концерти, добивајќи голем број високо позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, оркестарот има изведувано дела од современи и од македонски автори.

Годинава на репертоарот беа двајца уметници од различни епохи, Вивалди и Пјацола со нивните годишни времиња.

Како признание за постигнатите резултати во 1995г. Оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50 годишнината од основањето на Светската федерација на Музичка младина.

Оркестарот има остварено повеќе ТВ и радио снимки, како и сопствена ЦД продукција (5 изданија). Веќе 38 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.

Иван Еминовиќ е роден во Скопје. Музика започнува да изучува на 6-годишна возраст, посетувајќи најпрвин на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал повеќе број концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осијек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отварање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои Травијата, Набуко, Дамата со камелии, Кармина Бурана, Севилски бербер, Кавалерија Рустикана, Жизел, Риголето, Евгениј Онегин, Адриана Лекуврер, Дон Џовани, Турандот, Реквием – Моцарт, како и многубројни концерти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни