Владимир Ѓорѓиевски, Регионална канцеларија за младинска соработка

Младите не се само иднината, туку и сегашноста

Ниското ниво на регионална младинска соработка и слабите можности за напредок на младите во регионот беа редовно нотирани како проблеми на Западен Балкан во процесот на интеграција во Европската Унија. Поттикнати од тоа, а поддржани од лидерите на Европската Унија, на 4-ти jули 2016-та владите на Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора ја основаа Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO. Оваа меѓувладина организација е со седиште во Албанија, а локални канцеларии има во сите држави. 

RYCO досега има вклучено повеќе од 31.000 млади луѓе, инвестирајќи над седум милиони евра во програми за размени на млади на регионално и локално ниво. Беа организирани четири отворени повици за поддршка на речиси 240 граѓански организации и 115 училишта. Во рамките на проектот Superschools, RYCO поврза над 150 училишта, 1.000 ученици и 300 наставници низ целиот регион. Преку проектот Регионален инкубатор за социјални претприемачи (RISE), RYCO поддржа речиси 400 млади претприемачи да ги развијат и водат своите иновативни социјални претпријатија.

Помирување и соработка меѓу младите од регионот, поттик на различноста, демократските вредности, активното граѓанско општество и интезаркултурната размена, се целите кон кои се стреми Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан.

„Бројките од нашите проекти и активности се навистина импресивни, ама за нас поважни се резултатите со кои го менуваме регионот во место во кое младите имаат нови можности, поддршка, мотивација и соработка. Пред се даваме личен пример со нашиот ко- менаџмент пристап на Управниот Одбор- највисокото тело на одлучување на организацијата, во кое шест младински претставници, по еден од секоја држава кои се избрани на демократски начин од младинските организации на иста маса и рамноправно (на база на консензус) заедно со шесте претставници на институциите задолжени за млади, ги носат сите значајни одлуки на организацијата. 

Активно работиме на креирање на овозможувачка средина за младите но и оние кои работат со млади и сме вклучени во сите значајни политички процеси кои се поврзани со младите. Преку нашите истражувања и состаноци на терен со младите ги нотираме нивните проблеми, потреби и заеднички креираме нови решенија. Насекаде во регионот правиме состаноци со младите кои ги брендиравме како ”RYCO Youth Talks” за да допреме до што е можно повеќе млади од сите категории, во кој имаме и едукативна компонента, да ги запознаеме со сите можности кои им се нудат. Преку нашата регионална програма за волонтирање ROUTEWB6 дадовме конкретни препораки во целиот Западен Балкан како да се подобрат законите и политиките за волонтирање на младите.“- изјави за Трн Владимир Ѓорѓиевски, претседател на Регионална младинска канцеларија во Македонија.

Тој дополнува дека преку програмата RISE се работи на донесување и имплементација на законите за социјално претприемништво.

„На локално ниво оваа година покрај стандардната обука за градење на капацитетите на политичките подмладоци, ја креираме декларацијата за зголемено младинско учество која планираме да се изгласа од претседателите на сите политички подмладоци во државата кои се застапени во парламентот. Активно даваме предлози и препораки во сите процеси за младите, како што е креирањето на новата стратегија за млади, стратегијата за едно општество. Вклучени сме како партнери и поддржувачи на разни регионални настани како Преспа Форумот или Берлинскиот самит преку кој ја наметнуваме младинската агенда и младите на пиедесталот .

Но, секако наш најголем амбасадор и промотор на успесите се токму младите, бидејќи кога тие креираат пријателства, партнерства и долгорочни соработки, ослободени од секакви национални религиски и други предрасуди, тогаш останатите немаат никаков изговор и се принудени само да го следат тој пример“, пренесува Владимир Ѓорѓиевски.

Трн: Кои млади можат да партиципираат во проектите и за кои проекти има најмногу интерес?

Владимир: RYCO за млади лица ги смета оние кои се во возрасната граница помеѓу 14- 30 години и токму за нив креираме можности преку нашите програми, активности и соработки со други партнери. Моментално програмата Superschools има најголем интерес бидејќи е доста иновативна и покрај училишните размени нуди добра можност за училиштата да ги изградат своите капацитети регионална интеркултурна младинска соработка и помирување. Но не помалку интерес има и од страна на претставници на младинските организаци за разни настани во регионот и Европа, како што е на пример Берлинскиот младински форум, обуките со OSCE за градење на капацитети за планирање и водење на проекти, разни младински конференции, летни кампови и сл.

 
Трн: Какви грантови се доделуваат и кој може да аплицира?

Владимир Во зависнот од периодот имаме отворено различни повици за грантови. Поради тоа најдобро е да се пратат нашите социјални медиуми каде што ги објавуваме сите информации и отворени повици. Сите грантови се доделуваат преку отворен повик, и евалуаторска комисија за селекција која е составена од независни експерти во темите од целиот регион. Секој повик за грант си има специфични барања, таргет група, насоки и водичи за пополнување на апликациите, така да доколку се исполнуваат основните критериуми за учество навистина е лесно да се пополнат апликациите и да се учествува во програмите и проектите кои се нудат. 


Трн: Какви проекти и активности се планираат во иднина?

Владимир Пред неколку дена го објавивме петиот отворен повик за проектни апликации во кои ќе поддржиме младински организации и организации кои работат со млади на локално ниво. Целта е иницирање на регионална соработка со една или повеќе организации во регионот, но и иницирање на значајни промени во регионот кои ќе придонесат за подобра младинска соработка. 

Во октомври планираме да го отвориме првиот повик на Младинскиот културен фонд во кој ќе поддржиме организации но и индивидуалци- културни практичари да имплементираат културни проекти преку кои ќе се иницираат социјални и општествени промени.

За прв пат го организираме Берлинскиот младински форум дома, во Западен Балкан, во Тирана во октомври. Започнуваме да работиме на агенда за младински мир и безбедност, тема која што планираме да ја работиме во партнерство со повеќе фондации и организации.

Ќе продолжиме да работиме и да ја интензивираме соработката со националните младински совети, униите на младински работници, политичките подмладоци, институциите задолжени за млади итн. Продолжуваме со имплементација на повеќе тренинзи, форуми, работилници и разни настани за младите и оние кои работат со млади.

Трн: Кои се донатори и поддржувачи на регионалната младинска канцеларија?

Владимир: Како првични поддржувачи се владите на шесте држави основачи кои контрибуираат со свој финансиски удел, но и политички и институционално ја поддржуваат и промовираат работата на регионалната канцеларија. Но и Европската Унија, Германија и Франција се наши силни партнери и поддржувачи со кои заедно имаме имплементирано и (ќе) имплементираме многу значајни програми преку кои ја поддржуваме нашата таргет група. Преку разни проекти сме имале соработка и со поединечни држави како Норвешка, Италија, Австрија, Полска, Јапонија итн. 

Како стратешки партнер во развојот на организацијата е Германското Министерство за Надворешни Работи кое институционално и проектно не поддржува од самото основање, како и Германско- Француската канцеларија за соработка која несебично ја споделува својата експертиза и искуство во полето. Во преговори сме со повеќе партнери со кои се планираат нови стратешки партнерства и соработки.

Трн: За крај, која е пораката до младите?

Владимир: Да ги бараат можностите за личен и професионален развој. Да се активни, вклучени, критични и бунтовни. Да не прифаќаат да се само декор на масата и кога ќе им речат дека тие се само иднината и на нив останува иднината. Не, тие се и сегашноста и имаат многу што да понудат и мора да се вклучени во сите процеси кои се значајни за нив. Да не се откажуваат при првите пречки и да соработуваат со нивните врсници од регионот. Бидејќи промените се случуваат само кога сме спремни да ги побараме и сме надвор од својата комфорна зона.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни