Младите Македонци и Албанци со заедничка висока поддршка за Отворен Балкан

Иако за друго се разликуваат, Македонците и Албанците имаат заедничка поддршка за Отворен Балкан.

Речиси две третини од вкупното население на државава позитивно ја оценува иницијативата Отворен Балкан, а во тоа се согласуваат и испитаниците од македонска и албанска националност, според анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје.

Позитивно за зголемената регионална соработка и економска интеграција меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија одговориле 62 отсто од испитаниците кои се декларираат како Македонци и 67 отсто од испитаниците кои се декларирале како Албанци. Ваквите проценти покажуваат дека Отворен Балкан е точката за која во државата има речиси национален консензус.

Огромна поддршка за иницијативата покажуваат особено помладите испитаници. Над 70 отсто од граѓаните помеѓу 18 и 29 години дале позитивна оценка на Отворен Балкан.

Анкетата на ИПИС откри и дека постои драстичен раст на поддршката за Отворен Балкан во споредба со нивната претходна анкета од 2020 година. Тогаш само 42,4 отсто од граѓаните позитивно гледале на иницијативата. Процентот на граѓаните кои негативно гледаат на Отворен Балкан во мај 2023 година паднал на 15,9 отсто, наспроти речиси 40 отсто во 2020 година.

На прашањето со која земја во регионот имаме најдобри односи, 56,5 отсто од испитаниците ја посочиле Србија, а по неа следуваат Албанија со 11,3 проценти, Турција и Косово со по 3,3 отсто, Хрватска со 2,6, Словенија со 1,2, Грција со 1,1 и Бугарија со 0,9 проценти.

Од друга страна, како држава со која земјава има најлоши односи, 64,6 отсто од анкетираните ја посочиле Бугарија, а потоа следуваат Грција со 9,2, Албанија со 3,4, Србија со 2 и Косово со 1,2 проценти.

Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни