Младите ја креираат климатската иднина: Првата Младинска конференција за клима во Скопје

Младите се гласот на климата! Од 12 до 14 јуни, Скопје беше домаќин на првата Младинска конференција за клима во Северна Македонија, со што главниот град се претвори во центар на младинскиот климатски активизам.
Foto: UNDP MK

На настанот учествуваа 30 млади ентузијасти, инспирирани да направат промена и подготвени да дадат свој придонес во климатските преговори. Конференцијата претставува значаен чекор кон вклучување на младите во процесите на климатска акција, како на локално, така и на глобално ниво.

Преку серија презентации и интерактивни дискусии, експерти од УНДП ги споделија своите знаења и искуства на неколку клучни теми:

  • Учество на младите во климатските процеси на Обединетите нации
  • Врската меѓу климатските акции и намалувањето на ризици од катастрофи
  • Битката против аерозагадувањето во македонските градови: Кавадарци, Гостивар, Струга, Куманово и Струмица
  • Вклученоста на младите на локално, национално и глобално ниво

Анкица Соколиќ, една од организаторките и членка на регионалната младинска мрежа за климатски промени на УНДП, сподели инспиративно сведоштво за своето учество на КОП29:

„Бев фасцинирана од тоа колку младите од другите региони се подготвени, информирани и вклучени во климатските преговори од страна на своите држави. Ова ме натера да се запрашам – што недостасува кај нас? Така се роди идејата за организирање на првата Локална младинска конференција во Северна Македонија.“

Конференцијата ја организираше младинската организација Kolektiv Z, со одобрување од YOUNGO – официјалното тело на млади во рамките на климатските процеси на ОН. Ставовите и препораките што ги формулираа младите учесници ќе бидат претставени на следната глобална конференција за клима – COP30, што ќе се одржи во ноември 2025 година.

Оваа конференција не е само настан – таа е движење што го отвора патот за младите да бидат вистински партнери во климатската акција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни