Група млади од Унгарија, кои тргнале кон Нови Сад за да присуствуваат на комеморацијата што го одбележува една година од падот на надстрешницата и трагедијата во која загинаа 16 лица, не успеале сите да влезат во Србија.
Како што објави N1, дел од нив биле вратени од српската гранична полиција со образложение дека претставуваат „безбедносен ризик“. Според сведоштвото на Борбала од Будимпешта, од вкупно 28 млади, само 13 успеале да ја преминат границата. „Комбито и автомобилот беа детално претресени, ни најдоа воки-токи уреди и стикери, и ни дадоа документ дека не смееме да влеземе. Не објаснија зошто, само не вратија“, изјавила таа за N1.
Некои од студентите тврдат дека чекале со часови и дека полицијата им одзела лични предмети, а две девојки биле принудени да се соблечат до долна облека. Според нив, граничарите запишувале телефонски броеви и точни адреси на кои требало да престојуваат во Србија.
„Знаеме што се случува во вашата земја и затоа доаѓавме да покажеме солидарност. Не носевме ништо опасно – само симболи на поддршка за нашите српски пријатели“, изјавила Борбала, додавајќи дека иницијативата произлегла од покана од српски студенти.
Организаторката Ана Хорват од Унијата на студенти на Унгарија потврдила дека млади од неколку универзитети тргнале со автомобили, минибусеви и еден автобус на FlixBus, со намера да присуствуваат на најголемиот комеморативен собир во Србија.
Во реакција за медиумите, унгарското Министерство за надворешни и трговски работи соопштило дека не добило официјална пријава од своите граѓани, но дека „доколку биде поднесена, ќе бидат преземени соодветни дипломатски чекори“.
Инцидентот се случува во момент кога Нови Сад е центар на вниманието поради масовниот собир „Памтиме со болка и тишина“, на кој присуствуваат десетици илјади граѓани, меѓу кои и јавни личности и активисти кои бараат одговорност за трагедијата што ја потресе земјата.