Младите и малолетниците учествувале во речиси половина од сите истраги за тероризам во Европа и Северна Америка во 2025 година, покажува нова студија која предупредува дека радикализацијата денес се случува побрзо од кога било, често преку кратки онлајн содржини и алгоритамско засилување.
Иако вкупното влијание на тероризмот во Западот денес е помало отколку пред една деценија, вклученоста на малолетници и млади возрасни „стана една од најитните безбедносни грижи“, се наведува во Глобалниот индекс на тероризам 2026 на Институтот за економија и мир.
Процесот на радикализација денес е побрз од кога било. Она за што порано биле потребни месеци, па дури и години, сега може да се случи за неколку недели, па и денови.
Според истражувањето, тоа е поттикнато од кратки онлајн пропагандни содржини, алгоритамско засилување и искористување на развојните ранливости кај младите.
„Иако главната целна група на терористичките мрежи се младите на возраст од 15 до 25 години, документирани се случаи на активно регрутирање и идеолошка индоктринација и кај деца на возраст од само осум години“, се наведува во студијата.
Младите и малолетниците учествувале во 42 отсто од сите истраги поврзани со тероризам во Европа и Северна Америка во 2025 година, што е трипати повеќе отколку во 2021 година.
Во 2024 година, тинејџери биле вклучени во речиси две третини од апсењата во Европа поврзани со Исламска држава.
На пример, белгиската разузнавачка служба VSSE соопштила дека една третина од нејзините истраги за тероризам во периодот меѓу 2022 и 2024 година се однесувале на малолетници.
Политичката поларизација, растечкото антисемитско насилство и брзата онлајн радикализација на младите и натаму создаваат средина во која тероризмот останува сериозна закана.
Регионот на Западна и Централна Европа имал второ најниско просечно влијание од тероризмот во 2025 година, со 14 смртни случаи поврзани со тероризам и 51 инцидент. Тоа е пад во однос на 2024 година, кога имало 25 жртви и 81 инцидент.
Германија, Франција и Грција се земјите од ЕУ најпогодени од тероризмот.
Германија забележала најмногу смртни случаи и повредени од тероризам во регионот, со шест жртви во пет терористички напади.
Најголемиот напад се случил во Минхен во февруари 2025 година, кога 24-годишен маж со автомобил влетал во протестен собир, при што загинале две лица, а најмалку 39 биле повредени.
Од 2011 година наваму, Германија регистрирала 221 напад и 53 жртви од тероризам.
Во меѓувреме, во Франција има 281 жртва од терористички напади од 2007 година досега.
Во 2025 година, земјата регистрирала 12 терористички напади во кои загинале четири лица, а уште 18 биле повредени. Тоа е најголем број напади и повредени од 2020 година наваму.
Сепак, вкупното влијание останува средно за Германија и ниско за Франција и Грција, при што трите земји се рангирани на 29., 35. и 40. место во светот.
Всушност, Австрија е земјата од ЕУ каде што влијанието на тероризмот најмногу се зголемило во 2025 година.
Од друга страна, шест земји од ЕУ биле рангирани како незасегнати од тероризам, а Романија, Унгарија и Естонија се меѓу најниско рангираните во Унијата.
Чешка забележала најголемо подобрување на индексот во регионот. Земјата во голема мера била поштедена од терористички напади во изминатите 15 години, со само шест инциденти регистрирани од 2011 година наваму.
Ниту еден инцидент во тој период, освен масовното пукање во 2023 година, не резултирал со смртни случаи.