Без примања останале вработените од Детскиот креативен центар, Планетариумот, киното „Милениум“ и бифето. Според извори од институцијата кои сакаат да останат анонимни, МКЦ е под постојан притисок од извршители и моменталниот долг достигнува најмалку 15 милиони денари (над 240.000 евра), без да се вклучат сметките за струја, вода и парно.
Истите извори посочуваат дека кога во 2021 година тогашната градоначалничка Данела Арсовска го именуваше Ванчо Богоев за в.д. директор на местото на Русе Арсов, МКЦ имал 5 милиони денари на сопствена сметка. Денес, се добиваат сигнали дека наскоро ќе биде исклучена и струјата.
Редакцијата на Сакам да кажам испратила прашања до актуелниот директор Арбен Бени Шаќири и до одделот за сметководство, со прашања за неисплатените плати, вкупниот долг, иднината на институцијата и можноста за исклучување на електричната енергија, но до објавување на нивниот текст не добиле одговор.
Киното „Милениум“ е затворено од 2 април, а информации за негово повторно отворање нема. Проблемите не застануваат тука — како што наведува порталот, поради речиси целосно стопирана продукција на настани, под ризик е и членството на МКЦ во меѓународни мрежи како LiveEurope, FIAPF и Europa Cinemas. Исклучувањето од овие платформи би значело губење на поддршката и статусот на МКЦ на европската културна мапа.
„МКЦ од пример за функционалност и прибежиште за културниот живот во Скопје, во само три години е доведен пред стечајна постапка, поради лош менаџмент и недостаток на поддршка од Градот Скопје“, алармираат извори на Сакам да кажам.
Во 2021 година, МКЦ имал програмски буџет од 23 милиони денари од Градот Скопје, додека во 2025 година тој изнесува само 5 милиони денари. Ова се случува во време кога Скопје аплицира за Европска престолнина на културата во 2028 година.
МКЦ и минатата година се соочи со слични проблеми. Во март 2024, поради изборите, на хонорарците не им беа продолжени договорите. Тогашниот одговор на директорот Шаќири беше дека ангажманот ќе продолжи по завршување на изборниот процес, во согласност со законската рамка. Претходно, во март 2023, ист портал објави дека 30 хонорарци биле отпуштени, што Шаќири го негираше, велејќи дека се работи за пауза на договорите според препораките на Антикорупциската комисија.