Еден од највлијателните и најкултни бендови на македонската алтернативна сцена, Мизар, на 3 април ќе одржи ексклузивен и интимен концерт во Македонската филхармонија, со специјална „Best Of“ програма што ќе ги опфати најзначајните песни од нивната повеќедецениска кариера.
Под мотото „Најдоброто од Македонија“, концертот ќе понуди музичко патување низ целиот богат опус на бендот, со песни од албумите „Мизар“, „Кобна убавина“, „Свјат Dreams“, „Детето и белото море“, „Поглед кон цветната градина“ и „Вечна празнина“.
Настанот ќе биде дополнет со специјални гости и музичари кои во изминатите 45 години имале свој удел во приказната на Мизар и оставиле значаен белег во развојот на бендот.
Со овој концерт, публиката ќе има ретка можност да ги слушне најзначајните композиции на Мизар во концертна атмосфера, во еден од најакустичните концертни простори во земјата.
Бендот во моментов е актуелен и со својата нова песна „Вардар е Стикс“, која привлече големо внимание кај публиката и љубителите на македонската алтернативна музика.
Влезниците за концертот се веќе пуштени во продажба онлајн на avalonbooking.mk, како и преку продажната мрежа на karti.com.mk, по цена од 1.200 и 1.500 денари.