Мистериозен звук се слуша во Меѓународната вселенска станица од звучниците на „Старлајнер“

Астронаутот Бери Вилмор се јавил во НАСА за помош околу откривањето на изворот и причините за звуците кои ги слушале во Меѓународната вселенска станица, а доаѓале од капсулата „Старлајнер“.
Фото: НАСА

Вилмор го повикал центарот на НАСА откако слушале повторувачки звук кој доаѓал од капсулата „Старлајнер“ на Боинг.

На објавената снимка може да се чуе како Вилмор бара од тимот на НАСА во Хјустон да го подесат повикот за да може да им го покаже звукот, за кој тој вели дека доаѓа од звучниците во „Старлајнер“. Потоа, повторувачки звук се слуша од кабината. Од тимот на НАСА на земјата велат дека звукот кој го слушаат звучи како пинг на радар.

Мистериозниот звук, најверојатно има досадно објаснување. Според аудио експерт на Редит, најверојатно станува збор за фонија, меѓутоа наместо постојаното зуење на фонијата, како што сме навикнати, тука таа се случува со задоцнување, поради времето потребно за пренос од земјата до МВС. Објаснувањето е дека е заборавен вклучен микрофон во некоја празна соба на Земјата од која се комуницира со „Старлајнер“.

Од објавената снимка од разговорот може да се забележи дека ниту Вилмор, ниту тимот на НАСА од Земјата се загрижени за овој звук.

„Старлајнер“ е леталото кое однесе двајца астронаути на Меѓународната вселенска станица, но поради дефект на капсулата тие не можеа да се вратат со истото на Земјата. Поради тоа, тие останаа заробени во вселената, најрано до февруари идната година. Капсулата „Старлајнер“ е планирано да се откачи од Меѓународната вселенска станица на 6 септември, кога со автоматизиран лет, без екипаж, треба да се врати на Земјата. Вилмор и астронаутката Сунита Вилијамс се очекува да се вратат од МВС во февруари со леталот на SpaceX.

Извор: The Verge

Најново

Последни колумни