Мишел Обама: „Медиумите ги користеа моите раце за да ме направат ‘друга’“

Во новата книга The Look, поранешната прва дама на САД открива како едноставен безракав фустан стана медиумски симбол на „различноста“ и отпорот кон традиционалниот лик на белата прва дама.

Портретот на првата дама отсекогаш бил повеќе од фотографија – тој е симбол на еден идеал, на една епоха, на сликата која општеството сака да ја види.

Во 2009 година, Мишел Обама го објави својот прв официјален портрет облечена во црн безракав фустан на Мајкл Корс, и токму тогаш започна едно од најконтроверзните поглавја на нејзиниот јавен живот.

Во својата нова книга „The Look“, Обама открива дека токму фасцинацијата на медиумите со нејзините раце не била случајна, туку начин „да ме направат друга, да ме исклучат од идејата за тоа како треба да изгледа првата дама“.

„Јас и Барак бевме прикажани како црни луѓе кои не ги разбираат ‘правилата’ на светот во кој се нашле,“ пишува Обама. „Никогаш не бевме целосно добредојдени.“

Со својот избор на безракав фустани, Обама несвесно ја предизвика јавната перцепција за женственост, достоинство и раса. Наслови како „Michelle Obama goes sleeveless again“ се појавуваа на секој чекор, а некои медиуми дури измислија и термин: „Sleevegate“. Критичарите тврдеа дека изгледа „премногу неформално“, „непримерно“ и „невообичаено“ за Белата куќа.

„Иако многу први дами носеле фустани без ракави, ниедна не предизвика таква бура,“ пишува Обама. Она што за неа беше обичен моден избор, за нејзините противници стана симбол на отпор – на жена која не сака да се вклопи во претходно дефиниран калап.

Во книгата, Обама раскажува и за моментите кога била осудувана дури и од други жени. Во 2009 година, за време на посета на Гранд Кењон, таа носела шорцеви и спортска маица, облека соодветна на климата и теренот. Но новинарка на Washington Post го оценила изгледот како „премногу обичен“. „Бев повредена,“ признава Мишел. „Особено затоа што коментарот дојде од црна жена. Јас сè уште се обидував да го најдам своето место како прва црна дама, а светот веќе беше подготвен да ме суди.“

Таа зборува и за внатрешните борби во својот тим, кои ја советувале „да биде повнимателна со мимиката“, за да не изгледа „лута“.

„Бев опишувана како ‘бесна црна жена’ доволно често за да станам тема на академски трудови,“ пишува Обама. „А сепак, во тие моменти само ја зборував својата вистина.“

Иако медиумите ја претставуваа низ призма на критика, Обама успеа да ја претвори модата во форма на отпор. На инаугурацијата во 2009 година, наместо да носи дизајнер како Оскар де ла Рента – традиционален избор на првите дами – таа избра креација од Џејсон Ву, млад тајванско-американски дизајнер.

Со тој потег, Мишел испрати јасна порака: Белата куќа може да биде отворена и за нови имиња, нови култури и нови бои. Фотографиите од нејзиниот бел свилен фустан денес се изложени во Смитсонијан музејот, како дел од современата американска историја.

„Со тоа покажав дека не мораме да ја следиме историјата – можеме да ја промениме,“ пишува Обама.

За време на економската рецесија, Обама воведе т.н. „high-low“ стил – комбинирајќи луксузни дизајнерски парчиња со облека од H&M, Target и J.Crew. „Ролјата на првата дама отсекогаш ја симболизирала идејата за совршена жена,“ пишува таа. „Јас сакав да ја направам пореална. Моите избори беа начин да кажам – дојдете, разговарајте, бидете дел од мојот живот.“

Модата кај Мишел Обама никогаш не беше површна. Таа беше политичка порака за достапност, разноликост и хуманост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни