Мир во Газа: Дали Европа ќе остане „ирелевантна“ како што тврди Нетанјаху?

По мировниот план на САД за Газа, се поставува прашањето дали Европската Унија може да поврати значење во мировниот процес или ќе остане „ирелевантна“, како што изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. ЕУ најави помош, но сè уште е отсутна од клучните преговори.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неодамна изјави за „Еуроњуз“ дека Европа станала „ирелевантна“ во мировниот процес на Блискиот Исток. По објавувањето на првата фаза од мировниот план за Газа — кој вклучува ослободување на заложници и палестински затвореници — се поставува прашањето дали Европската Унија може да си го врати изгубениот политички авторитет.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази поддршка за мировниот план кој го посредуваат САД, Катар, Египет и Турција, и најави дека ЕУ е подготвена да придонесе со сите расположливи средства, вклучувајќи и финансиска помош за обнова на Газа.

Дополнително, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, објави дека ЕУ ќе ја реактивира цивилната мисија за надгледување на граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, како поддршка на прекинот на огнот.

Сепак, последните две години Европа беше пасивна, парализирана од внатрешни поделби околу конфликтот во Газа, сведувајќи ги реакциите на дипломатска загриженост и формални изјави.

Сега, кога се преминува кон втората фаза од планот — формирање нова управа во Газа без учество на Хамас, распоредување мултинационални сили и разоружување — Европа се надева дека ќе добие поактивна улога.

Но реалноста на теренот е посложена. Како што истакнува Ричард Хас, почесен претседател на Советот за надворешни односи од Њујорк, дури и во најоптимистичките сценарија, Хамас нема целосно да исчезне и ќе задржи влијание во Газа.

Потребите на населението се итни: храна, вода, медицинска помош и станбени решенија. Со инфраструктура речиси целосно уништена, обнова би траела со децении и би чинела милијарди.

Според извештај на ЕУ, Светската банка и ОН, објавен во февруари, трошоците за целосно обновување се проценуваат на 53 милијарди долари, од кои 20 милијарди се потребни во првите три години.

Во тоа, Европа гледа можност за реафирмација. Идејата е да се формира посебен фонд за отпорност и обнова, кој би бил дел од поширок механизам во кој учествуваат Египет и Палестинската управа. ЕУ би придонела со финансии, но и преку координација на хуманитарната и институционалната помош.

Урсула фон дер Лајен веќе најави создавање донаторска група за Газа, со цел обединет и транспарентен пристап во реконструкцијата.

Но, постои и друга реалност.

Во планот на САД се предвидува Газа да се управува од „технократски, аполитички“ комитет составен од палестински и меѓународни експерти, со надзор од новоформирано тело наречено „Одрбор за мир“ (Board of Peace), предводено лично од Доналд Трамп. Според медиумските извештаи, меѓу членовите ќе биде и поранешниот британски премиер Тони Блер, но нема ниту еден претставник од Европската Унија.

Исто така, ќе се формира Меѓународна стабилизациска сила (ISF) предводена од САД, без американски војници, но со учество на Египет, Катар и Турција. Европските земји не се вклучени — барем засега.

Тоа е значајно, бидејќи присуството на теренот значи и политички кредибилитет.

Европа се соочува со сериозно прашање: дали може да надмине внатрешните поделби и повторно да стане релевантна сила во Блискоисточната дипломатија?

Или, ќе остане сведена на улогата на финансиер — без реална моќ да влијае врз настаните?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни