Во хотелот „Бајеришер Хоф“ во Минхен денеска започнува 62. Минхенска безбедносна конференција (MSC), на која ќе учествуваат повеќе од 1.000 делегати од над 115 земји, меѓу кои 60 шефови на држави и влади и околу 100 министри за надворешни работи.
На конференцијата ќе присуствуваат претседателот на Украина Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, данската премиерка Мете Фредериксен и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Учество потврди и државниот секретар на САД Марко Рубио, кој ќе предводи американска делегација составена од повеќе од 50 членови на Конгресот, како и гувернерите на Мичиген и Калифорнија.
Повеќе од две третини од европските шефови на држави и влади го потврдија присуството, што, според организаторите, ја нагласува централната улога на конференцијата во европскиот стратешки дијалог.
На собирот ќе учествуваат и претставници на големи меѓународни организации, вклучително и раководствата на Европската Унија, НАТО, АСЕАН, ОБСЕ, Светската банка, Светската трговска организација и повеќе агенции на Обединетите нации.
Конференцијата, која во изминатите години се етаблира како една од клучните глобални платформи за безбедносна политика, ќе ги опфати темите поврзани со европската безбедност и одбрана, иднината на трансатлантските односи, ревитализацијата на мултилатерализмот, различните визии за глобалниот поредок, регионалните конфликти, како и безбедносните импликации од технолошкиот напредок.
Минхенската безбедносна конференција трае до 15 февруари и во наредните три дена ќе биде место на интензивни дипломатски средби и билатерални разговори.
Мерките за безбедност се максимално засилени, со ангажирани околу 5.000 полицајци, вклучително и засилувања од соседните земји. За време на одржувањето на конференцијата, воздушниот простор над Минхен ќе биде затворен за сите летала, вклучително и дронови.