Невреме во Германија заглави 500 патници во авиони на аеродромот во Минхен

Силните снежни врнежи го затворија аеродромот во Минхен, а околу 500 патници останаа со часови заробени во авиони по откажани летови на Lufthansa.

Силните снежни врнежи и привременото затворање на аеродромот во Минхен предизвикаа вистински хаос, при што околу 500 патници останаа со часови, а дел и цела ноќ, заробени во авионите на пистата.

Најтешка била ситуацијата за патниците на летот LH2446 на авиокомпанијата Lufthansa, кој требало да полета од Минхен кон Копенхаген во петокот во 21:30 часот. По неколку одложувања, летот бил целосно откажан додека патниците веќе биле сместени во авионот „Ербас А320neo“, кој бил паркиран на оддалечена позиција на пистата.

Според германскиот портал T-online, патниците останале во авионот со часови, без можност веднаш да се вратат во терминалот. Посадата на секои 30 минути ги информирала дека се прават обиди да се обезбедат автобуси кои би ги пренеле назад до аеродромската зграда, но временските услови и организациските проблеми ја усложниле операцијата.

Поради обилниот снег, аеродромот во Минхен привремено бил затворен, што довело до откажување и пренасочување на бројни летови. Патниците се соочиле со неизвесност, недоволни информации и замор, а дел од нив ја поминале ноќта во авионот.

Германските медиуми наведуваат дека надлежните служби работеле на расчистување на пистите и нормализирање на воздушниот сообраќај, но временските услови значително ја отежнале ситуацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни