Железото е еден од клучните минерали за правилно функционирање на организмот, бидејќи учествува во создавањето на хемоглобинот кој овозможува пренос на кислород во крвта. Неговиот недостаток може да доведе до анемија, состојба што се манифестира со замор, слабост и недостиг на енергија. Иако најдобро е потребните нутриенти да се внесуваат преку разновидна и урамнотежена исхрана, дел од луѓето користат додатоци во исхраната за да го надоместат евентуалниот дефицит.
Сепак, со суплементите треба да се биде внимателен. Според препораките на National Health Service (NHS), прекумерниот внес на железо може да предизвика несакани ефекти како запек, мачнина, повраќање и болки во стомакот. Особено е опасен кај деца, кај кои високи дози можат да бидат и фатални, па додатоците секогаш треба да се чуваат надвор од нивен дофат. За возрасни, висока доза се смета внес над 20 милиграми дневно.
Препорачаните дневни потреби зависат од полот и возраста. Мажите над 19 години имаат потреба од околу 8,7 милиграми дневно, жените од 19 до 49 години околу 14,8 милиграми, а жените над 50 години повторно околу 8,7 милиграми, освен ако сè уште имаат менструален циклус. Вообичаено, овие количини може да се обезбедат преку правилна исхрана, а суплементацијата треба да се користи само по совет од лекар.
Железото природно се наоѓа во намирници како џигер, црвено месо, мешунки, јаткасти плодови, суво овошје и збогатени житарки. Внесот преку храна е побезбедна и препорачана опција во однос на таблетите, освен кога постои медицинска потреба.
Недостатокот на железо може да се препознае преку симптоми како постојан замор, отежнато дишење, забрзано чукање на срцето, бледа кожа, кршливи нокти и опаѓање на косата. Кај некои лица се јавуваат и невообичаени симптоми како зуење во ушите, болен јазик или потреба за консумирање нејадливи материи. Доколку постои сомневање за анемија, неопходно е да се побара лекарска помош и соодветна дијагноза.