Според податоците на Евростат, во сите четири најголеми економии на ЕУ (Германија, Франција, Шпанија и Италија), повеќе од пет милиони работници во секоја од овие земји немаат финансиски средства за да одат на одмор.
„Одморот со семејството или пријателите е основна човечка потреба и дел од социјалниот договор на Европа“, вели Естер Линч, генерален секретар на Европската конфедерација на синдикати (ETUC), предупредувајќи дека „одморот станува привилегија за богатите“.
Сè повеќе луѓе без одмор
Бројот на работници кои не можат да си дозволат одмор расте трета година по ред. Во 2022 година имало 40,5 милиони луѓе, додека во 2023 година имало 41,5 милиони, што е за еден милион повеќе за само една година
Главни причини: зголемување на цените за транспорт, храна и сместување, заедно со пад на реалните плати и растечки економски нееднаквости меѓу земјите.
Источниот и јужниот дел на Европа се најранливи
Земјите од Источна и Јужна Европа бележат највисок процент на работници кои не можат да си дозволат одмор:
Романија – 32%
Унгарија – 26%
Бугарија – 24%
Португалија и Кипар – по 23%
Словачка – 22%
Спротивно на тоа, Данска, Шведска, Финска, Холандија, Луксембург и Словенија имаат најмал процент на работници без одмор – помеѓу 5% и 7%.
Во побогатите земји како Австрија и Чешка, тој процент е под 10%.
Големи бројки и во големите економии
Дури и меѓу најбогатите, податоците се загрижувачки:
Италија – 6,2 милиони работници без можност за одмор
Германија – 5,8 милиони
Шпанија – 5,6 милиони
Франција – 5,1 милион
Во Романија и Полска, повеќе од 3,5 милиони вработени не можеа да одат на одмор, додека во Унгарија и Португалија имаше повеќе од 1,5 милиони.
Врската помеѓу платите и можностите за одмор не е секогаш јасна
Во повеќето случаи, пониската плата значи помала можност за одење на одмор. Сепак, постојат исклучоци. На пример, во Ирска, каде што просечниот годишен нето приход е над 43.000 евра, сè уште постои високо ниво на „сиромаштија за време на одмор“. Од друга страна, Словенија има релативно ниски плати, но и многу низок процент на работници кои не можат да си дозволат одмор.
Европската конфедерација на синдикати вели дека е време одморот да не биде привилегија, туку право. Тие апелираат до ЕУ и земјите-членки целосно да ја спроведат Директивата за минимална плата, но и новата политика за „квалитетни работни места“ да вклучува закони што ги штитат работниците – особено оние со најниски приходи.