Мила Добревска – „Наследена носија“: Традицијата како критика, љубов и лична вистина

Низ четири композиции на изложбата „Наследена носија“, Мила Добревска ја прикажува жената не само како чувар на традицијата, туку како активен глас во нејзиното преосмислување. Со лична, но и универзална перспектива, таа го прашува гледачот: што е тоа што навистина го носиме со себе – од нашите предци, низ секојдневието, и во она што сакаме да бидеме? Во нејзината работа, критичката свест ја претставува како сила што нè поттикнува да излеземе од конформизмот, да ги отфрлиме наметнатите правила и да инсистираме на личната вистина. На тој начин, се отвора нов простор за видливост, трансформација и создавање на нови традиции.

Во време кога традицијата често се сведува на симболика без суштина, изложбата „Наследена носија“ на уметницата Мила Добревска отвора простор за нов, продлабочен дијалог со минатото. Поставена во Галеријата „Пионери“ во Скопје, изложбата не се занимава само со визуелна репрезентација на народната носија, туку ја користи како симбол за нашите колективни слоеви – идентитет, спомени, вредности и улоги.

Низ четири композиции, Добревска ја прикажува жената не само како чувар на традицијата, туку како активен глас во нејзиното преосмислување. Со лична, но и универзална перспектива, таа го прашува гледачот: што е тоа што навистина го носиме со себе – од нашите предци, низ секојдневието, и во она што сакаме да бидеме?

Во интервјуто за Трн, уметницата зборува за почетоците на проектот, значењето на носијата како симбол, женската перспектива, критичката свест и чувството на припадност меѓу традицијата и современоста.

Трн: Мила, што беше почетната искра за создавањето на изложбата „Наследена носија“? Како се роди оваа идеја?

Mила: Од секогаш моето главно истражување било насочено кон прашањето на идентитетот, веројатно затоа што многупати не сум се чувствувала како да припаѓам целосно.

Уште од мојата претходна самостојна изложба Ескапизам: Меморијата и идентитетот, започнав подлабоко да ја истражувам идејата за националниот идентитет. Од обредите, традициите и начините на славење како форми на бегство од суровата реалност, до сознанието дека токму тие занеси се неопходни за опстанок и преживување.

Секоја изложба за мене е како лично истражување. Преку нив, се обидувам да ги разберам не само корените, туку и причините зошто тие вредности и верувања сè уште живеат во нас — можеби променети, но никогаш целосно исчезнати.

Со оваа изложба сакав да се приближам до прашањата: Што е тоа по кое ние сме препознатливи како народ? Кои се тие особини што нè прават тоа што сме, што нè двојат, но и поврзуваат?

Галеријата на Пионери ја замислив како македонска куќа: мала, топла, интимна и исполнета со нашите навики, пориви и противречности. Во неа четирите композиции симболично ги претставуваат најзначајните наши вредности и доблести: добрината, истрајноста и снаодливоста, љубовта и критичката свест. Преку инсталации, ready-made објекти, текстилни изработки, рециклирани материјали, мозаични површини и сликарство, се обидов овие вредности да ги претворам во современи форми.

Преточувајќи ги традиционалните вредности во нови обележја на современото живеење, овие карактеристики се прикажани преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста со споредби, хармонии и испреплетувања. Така се раѓаат нови значења, како ехо на она што бевме и огледало на она што сме денес.

Трн: Што претставува носијата како симбол во твојата интерпретација?

Mила: Иако изложбата е насловена „Наследена носија“, носијата овде не ја набљудувам само како дел од народната облека, туку како симбол на личното и колективното претставување – на тоа како нè гледа светот и кои вредности ги носиме со себе.

Таа станува метафора за слоевите што нè градат, за видливото и невидливото што го наследуваме, за сликата што ја оставаме зад себе, но и за вредностите, сеќавањата и чувствата што ги пренесуваме и ги преобликуваме во современиот контекст.

Трн: Изложбата зборува за македонската жена, за нејзините вредности и улога во културниот пренос. Колку од твоето лично искуство е вткаено во ова дело?

Mила: Не може ниту едно дело да биде целосно објективно, па така и јас ја раскажувам својата перспектива како македонска жена. Низ призмата на личните искуства, сеќавањата и приказните на жените што ме израснаа, го обликувам сопствениот поглед кон нештата. Тој поглед не е ниту лут, ниту гневен кон односот што јас и многу жени сме го искусиле, туку е еманципиран, храбар и спремен да придонесе подеднакво како кој било друг.

Во изложбата најсилно женската перспектива се препознава преку делото што ја претставува љубовта.

Иако во нашата традиција љубовта не била често отворено изразена или истакната како кај други народи, тоа не значи дека не постоела. Напротив, таа живеела низ тивките гестови на секојдневието, најчесто во рамките на семејството. Најдлабоко и најискрено, љубовта отсекогаш се манифестирала преку мајката.

Токму затоа, во ова дело љубовта е доловена преку подготовката на чеизот – чин кој, како важен дел од македонската традиција, не е само материјален збир, туку симболичен сведок на женскиот труд, трпение и достоинство, пренесуван од генерација на генерација. Тој истовремено претставува и еден од ретките начини на кои нашето културно наследство и изразување добивале женска слобода преку занаетот.

Чеизот што го користам во делото е антиквитет стар околу еден век, кој го реставрирав и преработив во стилизирана интерпретација на македонски вез во црвена, црна и бела боја, во придружба со текстилна инсталација на невеста – фигура која, како и самиот чеиз, денес речиси и не постои во својот изворен облик.

Како многу често во нашата тажна историја, па така и со симболот на чеизот извираат спротивставени чувства, ‘радост’ за новиот почеток, но и ‘тага’ за разделбата со стариот живот. Оваа традиција, која некогаш била социјален показател и потврда за угледот на семејството, денес останува културна меморија и потсетник дека љубовта секогаш ја оцртува кревката линија меѓу радоста и болката.

Трн: Во секоја од „носиите“ се препознава не само традиција, туку и општествена критика. Како го гледаш балансот меѓу почитта кон минатото и потребата од современа преиспитување?

Mила: Задачата на секој креативец е да се сомнева во она што му било кажано. Како уметник, секогаш се обидувам да бидам крајно критична кон своето творештво, инаку би се довела во состојба на стагнација. Тоа преиспитување се однесува на сè: од техниката и изразот, до мотивите и самото толкување на делата.

Моето преиспитување најјасно се доловува преку композицијата Критичка свест, која претставува состојба на активно и ангажирано преиспитување на реалноста, инспирирана токму од општеството во кое живееме. Во ова дело е присутна вродената гордост кон културниот и националниот идентитет, врската со историјата, јазикот, традицијата и колективната меморија, но истовремено и незадоволството што произлегува од наметнатите системи и начинот на кој тие функционираат.

Композицијата е составена од повеќе насликани портрети на различни луѓе, поставени во тип на инсталација со текстилни форми што создаваат впечаток на групна динамика како сцена на разговор, заедничко движење или миг на споделено размислување. Преку оваа спротивставеност се создава еден вид културен дуализам: можност истовремено да се љубат сопствените корени и да се остане критичен кон структурите што тврдат дека ги претставуваат.

Сметам дека мора да постои баланс меѓу почитта кон минатото и свесноста за сегашноста, но не доколку таа почит ја искривува реалноста во која живееме. Во мојата работа, критичката свест ја претставувам како сила што нè поттикнува да излеземе од конформизмот, да ги отфрлиме наметнатите правила и да инсистираме на личната вистина. На тој начин, се отвора нов простор за видливост, трансформација и создавање на нови традиции.

Трн:  Како уметница што живее надвор од Македонија, но често се враќа, каде се наоѓаш себе си? Меѓу корените и новите културни средини?

Mила: Никогаш не сум можела, ниту сум посакала, да го избегнам македонското во себе. Живеењето меѓу две реалности ме научи да бидам поотворена, да ги гледам сличностите во различностите и постојано ми дава нова перспектива. Кога веќе се занимавам со теми поврзани со идентитетот, почувствував потреба како млад човек повторно да ѝ се приближам на традицијата, на она што отсекогаш било присутно, но не секогаш доволно разбрано: зошто постои и како опстојува? Со тоа, верувам дека ѝ давам нов глас и видливост, не само во нашиот контекст, туку и надвор од него.

Трн: И конечно, што би сакала луѓето да понесат со себе кога ќе излезат од оваа изложба?

Mила: Се надевам дека секој ќе најде дел од себе во овие приказни и ќе го открие наследството што живее во нас. Овие вредности не се само спомен, туку жива врска што нè обликува и денес.

Изложбата е отворена за посета во Галерија Пионери, Т. Гологанов 74а, до крајот на месец октомври!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни