Речиси 8.000 мигранти загинаа во 2025 – вистинскиот број е поголем

Меѓународната организација за миграција предупредува дека реалниот број жртви е непознат, бидејќи намалувањето на финансирањето го отежнува следењето на смртните случаи. Легалните патишта се стеснуваат, а шверцерите стануваат единствена опција.
Epaimages

Организацијата на Обединетите нации за миграција (МОМ) соопшти дека во 2025 година на опасните миграциски рути ширум светот загинале или исчезнале 7.667 луѓе. Бројката е пониска во споредба со речиси 9.200 жртви во 2024 година, но организацијата предупредува дека намалувањето на финансирањето и ограничениот пристап до теренот значат дека вистинскиот обем на трагедијата останува непознат.

Смртоносни рути: Медитеранот и Африканскиот Рог

Морските патишта остануваат меѓу најсмртоносните. Најмалку 2.108 луѓе загинале или исчезнале во Медитеранот во текот на 2025 година, а уште 1.047 на атлантската рута кон Канарските Острови. Во Азија биле евидентирани речиси 3.000 смртни случаи, од кои повеќе од половина биле афгански државјани. На рутата преку Африканскиот Рог, од Јемен кон земјите на Персискиот Залив, загинале 922 луѓе – значителен пораст во однос на претходната година.

Помалку евидентирани жртви не значи помалку жртви

МОМ предупредува дека падот на евидентираните смртни случаи не смее да се толкува како знак на подобрување. Организацијата е меѓу агенциите погодени од значителни намалувања на американското финансирање, поради кои е принудена да ги затвори или скрати програмите за следење и собирање податоци. Со помалку следење, помалку смртни случаи се евидентираат, но тоа не значи дека не се случуваат. „Континуираното губење животи на миграциските рути е глобален неуспех што не смееме да го прифатиме како нормала”, изјави генералната директорка на МОМ Ами Поуп.

Затворени легални патишта, отворени врати за шверцерите

Додека Европа, САД и другите региони ги зајакнуваат граничните контроли и инвестираат во мерки за одвраќање, легалните можности за миграција се стеснуваат. МОМ укажува дека ова директно ги турка луѓето во раце на шверцерите и ги принудува на рути кои се документирано смртоносни. Наместо да го намалат бројот на обиди, рестриктивните политики само го зголемуваат ризикот за оние кои немаат друг избор.

МОМ ќе продолжи да притиска за проширување на безбедните и легалните миграциски патишта, но со намалено финансирање капацитетот на организацијата е сериозно ослабен. Во отсуство на координирана меѓународна реакција, очекувањата се дека 2026 година нема да донесе значително подобрување на состојбата на рутите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни