МФА „Илинден“ од Канада освои прво место на меѓународен фолклорен фестивал во Шпанија

Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ од Мисисага, Канада го освои првото место на Интернационалниот уметнички фестивал од натпреварувачки карактер во Лорет де Мар во Шпанија.

„Овој триумф не е само победа за ансамблот, туку и историски момент за македонската култура oд дијаспората. „Илинден“ е првиот македонски фолклорен ансамбл од северноамериканскиот континент што постигнал вакво признание на интернационален натпреварувачки фестивал, во конкуренција на врвни ансамбли од Индонезија, Шпанија, Литванија, Индија, Латвија, Украина и други земји“, стои во соопштението. 

Ансамблот се претставил со фрагмент од сценската кореографија „Источна“, дело на доајенот Тофе Дракулески, со музика на Ѓорѓи Димчевски.

„Изведба што ја плени публиката со автентичност, динамика и сценска грандиозност, добивајќи највисоки оценки од меѓународното стручно жири“, се вели во соопштението од Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“.

Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“, дел од Македонската православна црква „Св. Илија“ – Мисисага, постои од 1984 година и е еден од најзначајните културни столбови на македонската дијаспора во Канада. Под водство на претседателката и уметнички директор Марија Божиновска-Цветанова, која работи на меѓународната афирмација на групата и со професионалната и креативна кореографка Орхидеја Радевска,  друштвото несебично работи на унапредување и интернационална промоција на македонската народна уметност.

Во изминатите децении, ансамблот има настапувано низ бројни градови во САД (Њујорк, Чикаго, Вашингтон, Акрон, Бафало, Детроит и др.), како и во Република Македонија, носејќи ја македонската традиција и фолклор со неизмерна љубов и професионализам. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни