Meta избриша над половина милион профили во Австралија поради новиот закон

Компанијата тврди дека презема „сите неопходни чекори“ за да го почитува првото глобално ограничување за користење социјални мрежи за лица под 16 години.

Технолошката компанија Meta соопшти дека деактивирала повеќе од половина милион кориснички профили во Австралија, како резултат на стапувањето на сила на новиот закон со кој се забранува користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години – прв ваков закон во светот.

Според официјалните податоци, во периодот меѓу 4 и 11 декември 2025 година биле избришани вкупно 544.052 профили за кои Meta проценила дека им припаѓаат на малолетни корисници. Од нив, 330.639 профили биле на Instagram, 173.497 на Facebook, а 39.916 на Threads.

Новиот австралиски закон, кој стапи на сила на 10 декември, им забранува на лица под 16 години да имаат сопствени кориснички сметки на 10 водечки социјални платформи, меѓу кои TikTok, Snapchat, Reddit и YouTube. Компаниите добија рок од една година да воведат системи за проверка на возраста, а прекршувањата може да резултираат со казни до 49,5 милиони австралиски долари.

Од Meta истакнуваат дека усогласувањето со законот ќе биде „повеќеслоен и континуиран процес“. Во објава на официјалниот блог, компанијата наведува дека иако постојат сериозни предизвици околу утврдувањето на возраста на интернет без заеднички индустриски стандарди, таа останува посветена на исполнување на своите законски обврски.

Воедно, Meta ја повика австралиската влада на „поконструктивен дијалог со индустријата“, предлагајќи фокус на подигнување на безбедносните стандарди за младите корисници, наместо генерални забрани. Компанијата смета дека продавниците за апликации треба да имаат обврска да вршат проверка на возраста и да обезбедат родителска согласност пред децата да можат да преземаат апликации.

„Ова е единствениот начин да се обезбеди доследна заштита на младите низ целата индустрија и да се спречи нивната миграција кон нови апликации со цел заобиколување на законот“, предупредуваат од Meta.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни