Мерцедес развива автомобил кој се полни сам

Без разлика дали станува збор за кочија влечена од коњи, автомобили напојувани од мотори со фосилни горива или електрични возила чии мотори се напојуваат од батерии, основната движечка сила на секое од нив секогаш доаѓа „однадвор“, односно од „изворот“ до кој возилото е прикачено, кое се внесува во него или од кое се полни батеријата. Но, како би изгледало кога возилото би можело само да се снабдува со енергијата што го придвижува?
Фото: Mercedes-Benz

Одговорот на тоа прашање го барал оној кому му се припишува идејата за создавање на првиот автомобил со мотор со внатрешно согорување, официјално регистриран како патент уште во 1886 година – германската компанија Мерцедес-Бенц.

Познатиот производител на автомобили, кој во последните десет години лансираше целосно нова класа на електрични модели EQ, работи на нова револуционерна технологија наменета за таа категорија возила која наскоро би можела да стане реалност.

Иновативната соларна боја за електрични возила (EV), која експертите на компанијата ја развиваат во Штутгарт, треба да го претвори секој сантиметар од телото на електричниот автомобил во вистински „жетвар“ на енергија, без разлика дали возилото е паркирано или вози.

Уникатната боја е изработена од тенок, флексибилен фотоволтаичен материјал, кој има специфична тежина од само 50 грама на метар квадратен и дебелина на слојот од само 5 микрометри.

Предноста на соларната боја, во споредба со конвенционалните соларни панели, е тоа што може да се свиткува околу заоблените и закривените делови на каросеријата на автомобилот, што овозможува поголема покриеност на фотосензитивната површина отколку со крути стаклени панели.

Мерцедес-Бенз предвидува дека SUV модел со средна големина обоен во оваа боја, под идеални услови, би можел да собере доволно енергија за да вози 12.000 километри годишно. Сепак, вистинската количина на енергија собрана во реални услови ќе зависи од изложеноста на возилото на сончева светлина.

Новата боја е само еден од слоевите на повеќеслојната обвивка која вклучува соларен активен материјал, изолација и тенок горен транспарентен слој исполнет со наночестички. Сончевата енергија собрана од овој слој се насочува во батеријата на електричното возило.

Тековните проценки покажуваат дека во некои сончеви области, како што е Калифорнија, така собраната енергија може да биде сосема доволна за цел ден возење. Исто така, за разлика од соларните панели, соларната боја не користи ретки метали или токсични материјали, па затоа е поеколошка и полесна за рециклирање.

Новата боја треба да има ефект и за решавање на проблемот со полнењето на електричните возила, односно намалување на нивната зависност од јавните полначи и домашните приклучници, како и да ги направи електричните возила поисплатливи и поодржливи отколку што е случај денес.

Затоа Мерцедес-Бенз се надева дека нивната нова технологија ќе ја зголеми севкупната прифатливост на електричните возила и нивната популарност меѓу клиентите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни