Германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски остварија телефонски разговор за мировните напори за завршување на војната во Украина.
Двајцата лидери, пренесува ДПА, „разговараа за најновите случувања и ги координираа следните чекори“, соопшти денеска кабинетот на Зеленски.
Украинскиот претседател дополнително ја сподели својата „благодарност што Украина секогаш може да смета на водството и поддршката на Германија“, се наведува во соопштението, пренесено од германската агенција.
Двајцата лидери, исто така, се осврнаа на последниот состанок на „Коалицијата на подготвените“, група поддржувачи на Украина, која денеска одржува нов состанок.
Берлин го потврди телефонскиот разговор, што се случи во услови на интензивни преговори за мировниот предлог од 28 точки на американскиот претседател Доналд Трамп.
Најновиот мировен план, презентиран од Вашингтон кон крајот на минатата недела, првично се чинеше дека ги содржи повеќето од условите на Кремљ за завршување на војната, но оттогаш интензивно се преговара од европски и украински дипломати.
Рускиот претседател Владимир Путин ја опиша оригиналната верзија на планот од 28 точки како „основа за конечно мировно решение“, и се изјасни против какво било поголемо омекнување на договорот во корист на Киев, потсетува ДПА.
Вашингтон и Киев постигнаа договор за најважните точки од планот што го предложија САД за прекин на војната во Украина, изјави денеска висок украински функционер.
Според извештаите на медиумите, американска делегација, исто така, за планот преговарала во Абу Даби со руски претставници, пренесува ДПА.
