Италијанската премиерка Џорџа Мелони е за безбедносен договор што ќе ги обврзе сојузниците на Киев да одлучат во рок од 24 часа дали да испратат војници во случај на нов руски напад. Предлогот го објавија извори запознаени со дискусиите, пишува „Киев Индепендент“, повикувајќи се на „Блумберг“.
Европските лидери и другите сојузници на Украина ги интензивираа разговорите за безбедносните гаранции за Киев по неодамнешниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска. Воените лидери на НАТО одржаа виртуелен состанок за да разговараат за безбедносната поддршка.
Според изворите, планот што го поддржува Мелони е сличен на член 5 од клаузулата за колективна одбрана на НАТО, иако предлогот не предвидува членство на Украина во алијансата. Принципот на колективна одбрана, камен-темелник на НАТО, ги обврзува членовите да обезбедат воена помош во случај на напад врз која било од нив. Мелони првпат ја презентираше идејата за проширување на таквата заштита на Киев, без формална покана до НАТО, во март оваа година.
Предлогот на италијанската премиерка е еден од моделите што ги разгледуваат европските лидери пред можните директни разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Да потсетиме дека Мелони беше меѓу осумте европски лидери кои се сретнаа со Трамп и Зеленски во Белата куќа на 18 август за да разговараат за гаранциите за повоена Украина.