Преседан во историјата на ОН, Меланија Трамп раководеше со седница на Советот за безбедност

Прва дама на САД првпат претседаваше со Советот за Безбедност на ОН, а седницата беше посветена на образованието и децата во вооружени конфликти
Tanjug/AP/Angelina Katsanis

Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, денеска претседаваше со седница на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк, на која се разговараше за улогата на образованието во унапредувањето на толеранцијата и светскиот мир, како и за децата во вооружени конфликти.

Во воведното обраќање, Меланија Трамп изрази „искрено сочувство“ до семејствата на загинатите припадници на американските сили и им посака брзо закрепнување на повредените, без директно да ја спомене актуелната воена операција.

„Моето искрено сочувство до семејствата кои ги загубија своите херои, кои ги положија животите за слободата. Нивната храброст и посветеност засекогаш ќе се паметат“, изјави таа, додавајќи дека се надева оти мирот наскоро ќе им припадне на сите деца во светот.

Седницата траеше речиси два часа, а со тоа Меланија Трамп стана првата прва дама на САД која претседавала со состанок на Советот за безбедност на ОН.

По седницата, таа се фотографираше со членовите на Советот, вклучително и со претставници на Кина и Русија, кои на вонредна седница во саботата остро ги критикуваа нападите на САД и Израел врз Иран.

Нејзиното пристигнување во седиштето на ОН во Њујорк беше пренесувано во живо од телевизијата на Обединетите нации.

Присуството на Меланија Трамп, кое се оценува како преседан во историјата на ОН, се случи на првиот работен ден од американското претседавање со Советот за безбедност, откако САД ја презедоа функцијата од Обединетото Кралство.

Белата куќа минатата недела потврди дека Меланија Трамп ќе претседава со седницата, но тоа беше пред САД и Израел да започнат заедничка воена операција против Иран.

Меланија Трамп претходно беше ангажирана во иницијативи за враќање на украински деца од Русија и нивно повторно обединување со семејствата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни